Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека со усвојувањето на ребалансот на буџетот на Град Скопје, се обезбедени средства за изградба на две целосно нови средни училишта „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во Драчево, општина Кисела Вода. Двете училишта ќе бидат изградени со финансиски средства на Град Скопје.
– Предолго учениците во овие училишта се образоваа во крајно несоодветни услови. Предолго наставниците пренесуваа знаење во простории што не одговараат на потребите на современото образование. Ниту едно дете не треба да ја гради својата иднина во услови што му го одземаат достоинството. Нашите ученици заслужуваат училишта во кои ќе влегуваат со радост, ќе учат со мотивација и ќе ги развиваат своите способности. Затоа, преземаме обврска да изградиме целосно нови училишта, достојни за нашите деца и за нивните наставници. Ова го ветив во мојата предизборна програма. За неполна година од мојот мандат, со обезбедувањето средства го правиме клучниот чекор кон исполнување на дадениот збор. Да изградиш училиште значи да им дадеш простор на илјадници соништа. Да создадеш услови во кои знаењето ќе расте, талентот ќе се развива, а секое дете ќе има можност да го покаже најдоброто од себе. Во тие училници ќе се образоваат генерациите што утре ќе го градат и унапредуваат нашиот град. Досега вложивме многу во образованието, во опрема, во подобри услови за учениците и наставниците и во поддршка за младите. Ќе продолжиме да вложуваме, затоа што влогот во младите е влог во иднината на Скопје – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека по најдобриот прв и втор квартал, Град Скопје го реализираше и најуспешниот трет квартал во својата историја.
– За само една година ги намаливме непродуктивните расходи и работевме на подобра наплата на приходите. Резултатот е конкретен – заклучно со 30 септември 2026 година, реализиравме рекордни капитални инвестиции во висина од 1,1 милијарда денари. Споредено со истиот период од првите години од мандатите на претходните градоначалници, реализацијата е повисока за 67,56% во однос на 2018 година и за 35,27% во однос на 2022 година. И во последниот квартал продолжуваме со работа и внимателно следење на динамиката на реализација на проектите. Овој ребаланс е потврда дека со јасни приоритети и финансиска дисциплина се создава простор за поголеми инвестиции. Ги намалуваме расходите, а ги зголемуваме средствата за капитални проекти и субвенции за граѓаните. Заштедите ги насочуваме таму каде што се најпотребни – во нови училишта, подобра инфраструктура и директна поддршка за скопјани. Токму одговорното управување со градските финансии ни овозможува да преземаме вакви големи чекори. За мене, секој денар од градскиот буџет носи одговорност кон луѓето што ни ја дале довербата. Секое исполнето ветување е причина да работиме уште посилно. А секое ново училиште е трајно дело што ќе им служи на генерации – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази благодарност до сите советници кои гласаа за ребалансот на буџетот, но и до оние кои не гласаа за поддршка на младите и градот.
фото Град Скопје