ЕВН Македонија го отвори првиот полигон за обучување на млади електромонтери и електротехничари во Гостивар. Полигонот е изграден во рамки на Општинското средно техничко училиште „Гостивар“, како дел од проектот за дуално образование „Учење преку работа“. Новиот надворешен полигон му дава дополнителна вредност на постоечкиот училишен кабинет во училиштето, кој располага со современи материјали, алати и опрема за низок и среден напон, идентични на оние што секојдневно ги користат екипите на Електродистрибуција на терен.

Преку учење и работа на  полигонот и кабинетот, младите добиваат можност да се едуцираат и обучуваат според европските стандарди.

„Како компанија посветена на модернизацијата на електродистрибутивната мрежа, инвестирањето во младите технички кадри претставува наш долгорочен стратешки приоритет. Новиот тренинг-полигон во Гостивар им овозможува на учениците практична обука во реални услови и безбедна средина. Со ова директно вложуваме во создавање квалификуван технички кадар подготвен за предизвиците на модерната енергетика.“, изјави г-дин Сашо Салтировски, Управител на Електродистрибуција.

„За развојот на младите професионалци подеднакво се важни квалитетното образование и можностите за континуиран развој. Преку нашата донација сакаме да им помогнеме на учениците да го реализираат нивнот потенцијал и да се подготват за успешен почеток на нивната кариера во енергетскиот сектор“, изјави г-дин Фисник Осеку, Прокурист и Раководител на Човечки ресурси и организација при ЕВН Македонија.

 

Соработката помеѓу ЕВН Македонија и ОСТУ „Гостивар“ датира од 2013 година и континуирано се развива. Во 2019 година беше отворена првата дуална паралелка за тригодишниот образовен профил „Електричар – електромонтер на електрични мрежи“, а од 2025 година соработката се прошири и со вклучување на ученици од четиригодишниот образовен профил „Електротехничар – енергетичар“.

„Благодарение на партнерството со ЕВН, нашите ученици добиваат уникатна можност да ги развиваат своите вештини на современ полигон со квалитетна опрема, што ги прави целосно конкурентни на пазарот на трудот.“ рече директорката на ОСТУ „Гостивар“ , г-ѓа Теута Минахи.

Покрај обучувањето во училиштето, ЕВН им овозможува на учениците да се запознаат со реалните работни процеси во енергетскиот сектор. Досега, 211 ученици од ОСТУ „Гостивар“ ја реализирале практичната настава во корисничките енерго центри на Електродистрибуција во Гостивар и Тетово, во зависност од местото на живеење.

Отворањето на полигонот во Гостивар претставува продолжение на заложбите на ЕВН за унапредување на практичното образование. Во 2019 година, компанијата го изгради првиот тренинг-полигон за учениците во СЕТУ „Михајло Пупин“ во Скопје.