Соопштение на Левица:

ДПМНЕ за поразот во Брвеница како виновник ја посочува и Левица, додека на целата јавност и е јасен начинот на функционирање на нивниот коалиционен партнер ВРЕДИ… освен на ДПМНЕ, очигледно.

Случајот со Брвеница отвора прашање што оди многу подалеку од еден изгубен изборен натпревар – Каков политички инстинкт и каква способност за стратешко расудување демонстрира раководство кое дури по изборите го проблематизира однесувањето на сопствениот коалициски партнер?
Политичкиот сенс се препознава во способноста да се читаат интересите, да се предвидуваат потезите и навреме да се согледуваат ризиците. Токму затоа изјавите на ДПМНЕ за ВРЕДИ заслужуваат особено внимание. Ако една владејачка партија тврди дека не успеала да ја предвиди политичката пресметка на партнерот со кој секојдневно седи на иста маса, сосема оправдано се отвора прашањето врз какви проценки ги темели своите многу посложени државни и меѓународни одлуки. Во политиката, стратешкото предвидување се докажува пред настаните, а не со објаснувања откако ќе станат очигледни.

Партија на која дури сега ѝ станало јасно политичкото дејствување на ВРЕДИ и која е до тој степен затечена што сопствениот коалициски партнер го нарекува “тројански коњ“, сама отвора сериозни сомнежи во сопствениот политички сенс. Како раководство кое тврди дека не успеало да ги прочита намерите на партијата со која секојдневно ја дели власта, може да ја уверува јавноста во исправноста на своите државнички проценки? Како ги препознава интересите на странските партнери, ги проценува дипломатските маневри и преговара за стратешки прашања, ако однесувањето на најблискиот домашен сојузник за него претставува изненадување?

Во налетот на постизборната хистерија, ДПМНЕ повторно ја вплеткува и Левица како виновник за својот неуспех, доследно на вмровскиот менталитет според кој за секој неуспех се виновни сите, освен самите тие. Затоа, ќе ги потсетиме на нивната селективна политичка меморија:
На редовните локални избори во Струга, Тетово и Гостивар, каде што Левица понуди сопствени кандидати како алтернатива на ДУИ и ВРЕДИ, ДПМНЕ не само што одби да застане зад нив, туку, организирано, активно и фронтално водеше црна кампања со секојдневни прес-конференции и теренска агитација против Левица и нашите кандидати. Сето тоа во политичка корист на кандидатите на ВРЕДИ – истите оние коалициски партнери чие однесување во Брвеница денес го доживуваат како предавство.

Никој не е должен да ги санира погрешните политички проценки на ДПМНЕ, ниту целата држава да се солидаризира со нивните изборни калкулации. Особено кога таа солидарност ја разбираат како безусловна покорност, а секоја добиена поддршка како дополнителна дозвола за ароганција и самоволие. Нивните погрешни проценки се нивна одговорност, нивните коалициски пазари се нивен товар, а нивната политичка кусогледост не е национална обврска за солидарност!