Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на амандманската расправа во Собранието образложи предлог амандман на СДСМ за обезбедување дополнителни 20 милиони денари за зголемување на посебниот додаток за деца со попреченост до 26-годишна возраст за 15%.
Тренчевска посочи дека зголемувањето е потребно за да им се помогне на семејствата кои подолг период апелираат дека поддршката што ја добиваат од државата не е доволна.
„Од 2024 година до денес, ниту еднаш не е зголемено правото на посебен додаток за деца со попреченост до 26-годишна возраст, ниту пак кое било друго право од детска и социјална заштита“, истакна Тренчевска.
Таа нагласи дека родителите веќе две години бараат зголемување на додатокот, бидејќи постојните средства не ги покриваат нивните потреби.
„Имајќи предвид дека и родителите на децата со попреченост, оние коишто го примаат овој додаток, апелираат дека средствата коишто ги добиваат од државата се малку и не им стигнуваат, бараат две години наназад да се зголеми правото“, рече пратеничката на СДСМ.
Со предложениот амандман се предвидуваат дополнителни средства во рамките на надоместоците за детска заштита, наменети за повисок посебен додаток.
„И овие средства се дополнителни средства; целта е да се зголеми правото на посебен додаток за 15%“, посочи Тренчевска.
Таа порача дека амандманот е конкретен одговор на барањата на семејствата на децата со попреченост.
„За да излеземе во пресрет на оваа категорија граѓани, го предлагаме овој амандман за зголемување од 15%“, нагласи Тренчевска.