Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска заеднички официјално го пуштија во употреба новиот мега парк „Бутелска оаза“.
– Бутел доби ново зелено срце. Место што ќе им припаѓа на граѓаните, ќе зближува генерации и ќе создава спомени. Има посебна радост кога дадениот збор ќе стане место исполнето со детска смеа. Се сеќавам, кога ја подготвувавме програмата за Скопје, Дарко побара да изградиме парк десет пати помал од овој што денес го отвораме. Ги разгледавме можностите и решивме да направиме многу повеќе – еден од најголемите мега паркови во Скопје, каков што Бутел заслужува. Денес, таа одлука е реалност пред нашите очи. На просторот каде што се планираше бетонизација, сега има огромна зелена површина, реквизити за најмладите, пешачки зони и фитнес зони за рекреација. Место за првите детски чекори, за младите и нивните дружења, за семејните прошетки и за спокојните утра на нашите пензионери. Простор за сите генерации. Простор за секој граѓанин – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека за одржување на зеленилото, целиот комплекс има сопствен систем за наводнување со техничка вода.
– Создаваме парк со услови за долгорочно и одржливо одржување, за во неговата убавина да уживаат и генерациите што доаѓаат. Секое засадено дрво е влог во почист воздух. Секоја нова зелена површина е придонес за помалку урбана жештина. Секој нов парк е повеќе простор за здравје, рекреација и поквалитетен живот. Тоа е Скопје за кое работам. Град во кој секое маало е важно, секоја општина добива внимание и секој граѓанин заслужува уреден и достоинствен простор за живот. Бутел ја доби својата оаза. Скопје доби уште една причина за гордост. Да ја чуваме, затоа што ова е наше заедничко богатство – рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека со гордост може да каже дека ветеното за Бутел за неговиот четиригодишен мандат е реализирано уште во првата година и посака новиот мега парк „Бутелска оаза“ да биде полн со живот, детски џагор и убави моменти.
фото Град Скопје