„Ако ја гледаме просечната нето исплатена плата, тука сметам дека има навистина голем раст, во првите две години од нашето владеење ВМРО-ДПМНЕ ја има за 1.300 денари повеќе покачено минималната плата од СДС, не можеме во ниту еден економски перформанс да се споредиме со СДС, а да не сме супериорни“, рече Бојан Стојаноски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на гостување на телевизија Телма во емисијата „Топ Тема“.
Стојаноски истакна дека граѓаните ги чувствуваат економските придобивки преку повисоките пензии и плати и нагласи дека растот на животниот стандард и подобрувањето на економската состојба се одразуваат во секојдневието на граѓаните.
„Граѓаните чувствуваат кога ќе отидат во маркет и кога знаат дека двајца пензионери дома имаат 14.000 денари повисока пензија него што имаа пред две години, граѓаните знаат кога ќе отидат во маркет дека 99% од нив имаат склучено колективни договори за еден мандат платите да им пораснат за 50%, граѓаните знаат ако работат во приватниот сектор дека кога ќе отидат во маркет државата помогнала на нивната компанија со 250 милиони евра меки кредити за да ја зголемат продуктивноста, преработувачката индустрија расте, платите се зголемуваат и во приватниот сектор“, посочи Стојаноски.
Стојаноски потенцираше дека голем дел од државните средства се насочуваат кон отплата на стари долгови и камати, наместо кон развојни проекти и посочи дека наследените обврски претставуваат сериозен товар за буџетот и го ограничуваат просторот за реализација на нови инвестиции и проекти во интерес на граѓаните.
„37% од дефицитот вкупниот којшто го имаме 41,6 милијарди денари оди на отплаќање на каматни барања, оваа година имаме за 13,5% повеќе средства коишто треба да ги издвоиме за враќање на стари долгови тоа се 76 милијарди денари, во овој момент 64 милијарди имаме отплатено до крајот на годината имаме уште 12 милијарди да вратиме, пари коишто некој ги зел а видовме дека не направил ништо“, дециден е Стојаноски.