Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска им врачи награди и признанија на 36-те хористи од училиштето „Кочо Рацин“ и нивната менторка , кои од Херцег Нови се вратија со освоено второ место на 11. Меѓународен натпревар по хорско пеење.

Младите хористи добија по 3.000 денари, а нивната менторка Наташа Данаилова Митрова е наградена со 15.000 денари и пофалница за неа и училиштето.

„Со своите гласови ја претставивте Центар на најубав начин. Вашиот успех е резултат на талентот, посветеноста и љубовта кон музиката. Горд сум на вас и на вашата менторка, која достојно ги претстави нашата општина и Македонија пред меѓународната публика. Продолжете да пеете, да се надградувате и да освојувате нови признанија. Вашиот успех е гордост за сите нас“, порача градоначалникот Герасимовски.

Хорот на ООУ „Кочо Рацин“ настапи на натпреварот што се одржа во септември во Црна Гора, во конкуренција на 20 ансамбли од повеќе земји.

Под менторство на својата наставничка, младите хористи блеснаа со својата вокална изведба и музичка интерпретација, промовирајќи ја општината и татковината на регионалната и меѓународна сцена.

Фото Општина Центар