Во „Партенија Зографски“ државното средно училиште со ресурсен центар, наставниците покажуваат дека може да се најде соодветен начин и средства за комуникација со секое дете, согласно неговите можности. Затоа што сите наши деца имаат право да учат, да знаат и да стекнуваат вештини кои ќе им користат во животот и работата. Децата со посебни образовни потреби имаат потенцијал да постигнат многу, доколку добијат поголема поддршка од семејството, училиштето и средината во која растат и се развиваат.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик, додавајќи дека тоа е добра можност за подигнување на свесноста за децата и лицата со оштетен слух.
„Знаковниот јазик им помага да се ‘слушнат’ меѓу себе и нив да ги ‘чујат’ другите. Тој им го олеснува образованието. Како министерство, работиме на отстранување на бариерите и соработуваме со училиштата со ресурсни центри во обезбедувањето дидактички материјали, асистивна технологија и поддршка во употребата на знаковниот јазик. Обезбедуваме континуирани обуки за наставниците за изучување на знаковниот јазик. Зашто, од тоа зависи квалитетот на образованието што ќе го добијат учениците“, посочи министерката Јаневска.
Македонија, како држава, е потписничка на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, што обврзува на почитување на принципите на инклузија и недискриминација, и вклучување на децата и младите со попреченост во образовниот систем, прилагодувајќи го кон индивидуалните потреби.
„Дозволете ми да забележам дека како општество треба уште да работиме на промена на ставовите кон лицата со попреченост. Подигнувањето на свеста за нивните права, едукативните активности и комуникација се начини на борба против стигмата и дискриминацијата, кои не се наша обврска само поради потпишаните документи, туку се наша човечка должност кон секого“, рече Јаневска, додавајќи дека секој од нас може да направи чекор за приближување кон лицата со оштетен слух така што ќе научи по нешто од знаковниот јазик. Така лицата со оштетен слух ќе се чувствуваат попријатно во секоја средина каде што се движат и работат.
Подобрување на инклузивноста и пристапноста не е само работа на институциите, туку и индивидуална одлука.
фото Министерство за образование и наука