Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, имаше средби со земјоделци во Обршани во општина Кривогаштани и во село Дебреште во општина Долнени, на кои земјоделци од различни сектори ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат.

Земјоделците на средбите алармираа дека состојбата во земјоделството е толку катастрофална, што голем дел од родот, на пример од црвената пиперка, е скапан, поради тоа што не се откупуваше на време.

Земјоделците од село Обршани и околните села од општина Кривогаштани, посочија дека власта ги излажа во однос на откупот на црвената пиперка – откуп нема, пиперката им скапува, а тоа што се откупува е по понижувачка цена од 17 денари за килограм, која услови кога се поскапено не ги покрива ниту производните трошоци.

Филипче на средбата им порача на земјоделците дека СДСМ ќе подготви предлог-мерки за финансиски да им се помогне на земјоделците.

„Ќе поднесеме предлог-мерка за интервентен откуп и загарантирана соодветна цена од 30 денари за килограм за тие количини црвена пиперка што не се откупени, а за тие земјоделци на кои што пиперката поради тоа што нема откуп веќе им е скапана и уништена, да се обезбеди обештетување“, рече Филипче.

Во селото Дебреште, земјоделците го отворија прашањето за штетите од невремето што се случи летово и потребата од обештетување на погодените тутунопроизводители, особено тутунот во Дебреште каде што штетите се стопроцентни, а исто така огромни штети од невремето имаше и во селата Заполжани, Новоселани, Ропотово, и дел од Пешталево.

Филипче на средбата најави дека пратеничката група на СДСМ, согласно барањата и предлозите на земјоделците во најкус рок во Собранието ќе поднесе предлог-мерки за финансиска поддршка, со цел да им се помогне на земјоделците.

„Ние сме подготвени да поднесеме предлог-закон во Собранието, за да им се помогне на земјоделците, во овие тешки времиња. Земјоделците бараат помош, бараат решение и бараат некој да ги слушне, но оваа власт упорно ги игнорира и ги остава сами да се справуваат со проблемите со кои се соочуваат“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ, на средбите со земјоделците предупреди дека целиот сектор пропаѓа, а власта нема слух за проблемите на земјоделците. Филипче посочи дека земјоделците од цела држава се соочуваат со исти проблеми – нема откуп, понижувачки откупни цени, намалени и неисплатени субвенции.

„Во земјоделството, луѓето плачат, а никој не ги слуша. Имаме власт која што нема слух за проблемите на граѓаните и земјоделците. Лозарите не зборуваат за откупни цени. Зборуваат дека не им го откупуваат воопшто. Скапува грозјето на нива. Млекопроизводителите не зборуваат откупната цена веќе иако е мизерна, туку скапува, нема кој да го земе. Пченката, ланската, уште не е откупена. Раноградинарските култури, огромен процент пропаднаа. Сега истиот проблем ќе имаме со тутунот. Зашто? Затоа што оваа власт сè што вети се излажа. Да ја посетам 160 денари ветуваше за тутунот. Воведоа класи за да ја намалат цената. Ние целиот тутун го исплаќавме прва класа“, рече Филипче.

Притоа, Филипче потсети и дека СДСМ секогаш кога имале проблем земјоделците им помагаше со интервентни мерки. И сега како опозиција поднесуваше предлози, но власта сите ги одби.

„Лани, колку за илустрација, дадовме предлог да има 3 денари за откупено грозје. Го одбија законот. Им го земаа по мизерни цени. И секоја година е сè полошо. Лани за мизерни цени откупуваа, сега не го откупуваат. Млекопроизводителите ми велат знаеме дека до година ќе биде уште полошо, затоа што овие што произведуваат млечни производи имаат купено млеко во прав од странство и велат ние сега знаеме дека до година ништо нема да биде. Ќе биде дебакал. Цел сектор ќе пропадне“, рече Филипче.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=s4zHsbeVmGs