По повеќегодишни барања од жителите на Горно Оризари, започна реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти со кои се подобруваат условите за живот во оваа населба.
Улицата кон Горно Оризари, која со години беше во лоша состојба, се реконструира со поставување на околу 4.000 квадратни метри нов асфалт. Со реконструкцијата се очекува да се подобри пристапот до населбата и безбедноста на жителите, учениците и сите учесници во сообраќајот.

Покрај реконструкцијата на улицата, во населбата се поставува ново детско катче, а се врши и целосна реконструкција на спортскиот терен, со цел децата и младите да добијат уреден простор за игра, спорт и дружење.

Во рамки на активностите е уредена и нова автобуска постојка, согласно барањата на жителите.

На терен денеска беа присутни министерот Ерџан Демир, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш и претставници на локалната заедница.

„Овие луѓе не бараа чуда. Бараа нормални услови за живот. Денес сме тука со конкретни реализирани активности – реконструирана улица, ново детско катче, уреден спортски терен и автобуска постојка. Ова е само почеток. Во Горно Оризари имаме уште работа и ќе продолжиме да ги слушаме потребите на жителите и да работиме на нивно решавање“, беше порачано при денешната посета.

Проектите се дел од активностите насочени кон подобрување на инфраструктурата и јавните простори во скопските населби.

Горно Оризари останува дел од приоритетите за унапредување на условите за живот и подобрување на секојдневието на граѓаните.

фото Град Скопје