Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во ексклузивно интервју за Breitbart News изјави дека неговата влада „силно“ ги поддржува американскиот претседател Доналд Трамп и политиките на неговата администрација во повеќе области — од надворешната политика и енергетиката, до геополитиката и економијата.
Тој најави сериозна економска и инвестициска соработка со актуелната американска администрација во областите на енергетиката и рударството.
Мицкоски изјави дека Северна Македонија сака стратешкиот дијалог со САД да го претвори во, како што рече, „Трамп-стил дипломатија“.
„Помалку бирократски процеси и повеќе конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, технологијата, инфраструктурата, трговијата и инвестициите.“
Тој посочи дека американската International Development Finance Corporation — DFC — веќе финансира значаен рударски проект во Северна Македонија.
Според Мицкоски, земјата поседува едно од најголемите наоѓалишта на антимон.
„Имаме голема австралиско-канадска инвестиција во земјата, а САД финансиски го поддржуваат тој тип на инвестиција.“
Антимонот што ќе се ископува во Северна Македонија, според него, ќе се извезува во САД, каде ќе се користи за производство на воена опрема.
Мицкоски зборуваше и за таканаречениот „Вертикален коридор“, преку кој американски течен природен гас би се транспортирал од Грција, преку Северна Македонија, кон Србија, Централна Европа и Украина.
Северна Македонија веќе гради интерконектори кон Грција и Србија.
Јужниот интерконектор треба да ја поврзе земјата со LNG терминалот во Александруполис.
„Имаме резервирано четири слота на LNG терминалот во Александруполис.“
Истовремено се планира северен интерконектор кој ќе го поврзе македонскиот гасоводен систем со српскиот.
На тој начин, гасот би можел да се движи од Александруполис преку Северна Македонија и Србија до Унгарија и Австрија.
Капацитетот на системот, според Мицкоски, би бил меѓу три и шест милијарди кубни метри годишно.
„Тоа ќе го направи овој гасовод реална и конкретна конкуренција на руските енергетски капацитети во регионот.“
Тој оцени дека проектот може да ги реализира амбициите на администрацијата на Трамп за поголем извоз на американски LNG кон Централна Европа.
Ако сè оди според планот, терминалот во Александруполис би требало да биде поврзан со Централна Европа преку Северна Македонија до почетокот на 2028 година.
Хидроцентрали и дата-центри
Мицкоски зборуваше и за планови за изградба на две големи хидроцентрали.
Според него, нивната улога нема да биде само производство на електрична енергија.
Поради климатските промени и глобалното затоплување, акумулациите би помогнале и во обезбедување вода и наводнување.
„Првиот приоритет е обезбедување вода за регионот, вториот е наводнување, а дури трет приоритет е производство на електрична енергија.“
Сепак, хидроцентралите би можеле да произведуваат околу еден терават-час електрична енергија годишно.
Дополнителната електрична енергија, рече Мицкоски, би можела да се користи за изградба на дата-центри и развој на индустријата поврзана со вештачката интелигенција.
Тој изјави дека разговара со извршниот директор на Rumble, Крис Павловски, кој има македонско потекло, за потенцијални инвестиции во дата-центри во Северна Македонија.
„Сите зборуваат за вештачка интелигенција, но вештачката интелигенција не може да постои без дата-центри, а дата-центрите не можат да функционираат без одржливо снабдување со електрична енергија.“
Според Мицкоски, Павловски има силно чувство на поврзаност со земјата од која потекнува неговото семејство и е заинтересиран за инвестиции во Македонија.
Проектот за двете хидроцентрали, според него, би бил вреден околу 1,5 милијарди долари, додека инвестицијата во дата-центрите би била целосно американска.
Мицкоски рече дека Владата ќе работи на обезбедување на сите можни поволности и стимулации со цел таквата инвестиција да стане реалност.