На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски ја коментираше состојбата со водата за пиење во Општина Гостивар, како дел од пратеничкото прашање на лидерот на опозициската партија СДСМ. Премиерот потсети на состојбите со водата за пиење во времето кога господинот Филипче беше министер за здравство и посочи:
„Има луѓе од вашата пратеничка група од Прилеп. Извештај од Центар за јавно здравје во Прилеп од 01 февруари 2019 до 28 февруари 2019 и се однесува за градовите Прилеп, Крушево и Македонски Брод. Самиот извештај вели дека има неисправност на водата поради тоа што имаме бактериолошка неисправност и физичко-хемиска неисправност на примероците. Преземено, ништо. Следен извештај 01 март 2019 до 31 март 2019, повторно за истите градови, и повторно преземено ништо. Можам да ви ги редам многу вакви извештаи. Овде има цел сноп за Гостивар и за околината. Вие сте министер во тој период. Не само што ви гореа модуларни болници, туку како доктор вие не се држевте до заклетвата. Вие дозволувавте луѓето да конзумираат вода која во најмала рака кажано, претставувала ризик за здравјето на тие кои што ја конзумирале“.
Мицкоски информираше дека бројот на неисправните примероци од водата во Гостивар се намалува и очекува дека гостиварци за неколку дена ќе имаат исправна вода и за пиење, а во исто време го повика Обвинителството да се позанимава и со наводите од минатите извештаи.
фото Влада