Ребалансот на Буџетот за 2026 година, којшто беше усвоен во Собранието во понеделникот, е добро решение и еден од ретките ребаланси на Буџетот низ годините во којшто има зголемување на ставката на капитални расходи. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Дневникот на МТВ.

„Овој ребаланс е едно добро решение, имајќи ја предвид, целокупната состојба во економијата, не само во Македонија, туку гледано и геополитички и имајќи ги предвид неизвсностите коишто ги имаме пред нас. Ова е еден од ретките ребаланси на буџетот каде имаме зголемување на ставката на капитални расходи. При тоа морам да кажам дека станува збор за зголемување на капитални расходи коишто директно значат одредени инвестиции. Значи, ние тука не зборуваме за одредени трансфери, аванси, префрлања на јавни претпријатија и така натаму, коишто во минатото беа евидентирани како капитални расходи, а при тоа не гледавме никаде инвестиција. Имено тоа ме радува. Првпат, значи има корекција на расходна страна или зголемување од околу шест милијарди денари“, рече министерката.

Таа додаде дека речиси во сите министерска има зголемување на средства, но најголем дел од предвиденото зголемување на капиталните расходи се во делот на АА програмата, каде што има навистина висок процент на реализација на капиталните инвестиции и дека навистина работите на терен се гледа дека се одвиваат со забрзана динамика. Понатаму во Министерството за животна средина и просторно планирање, каде има зголемување во повеќе ставки. Најголемиот дел е кај капиталните расходи при тоа 700 милиони денари се предвидени за пречистителната станица во Скопје. Во Министерството за животна средина и просторно планирање има повеќе проекти коишто се поврзани со финансирање поврано со ИПА. Има зголемување и на ставки во Министерството за одбрана во делот на капиталните расходи.

Министерката појасни дека со Ребалансот проектираните вкупни приходи ги покриваат тековните расходи и дека останува разлика којашто е насочена кон капитални расходи. „Тоа, наведе, значи дека целиот буџетски дефицит во суштина оди на финансирање на капиталните расходи или она што мегу граѓаните е познато како инвестиции. И мора да се согласиме тука сите дека секојдневно најпрвин гледаме дека во секое едно, би рекла, населено место имаме пуштање во употреба на некој проект. Што значи дека навистина имаме реализација на теренот. И тоа секој граѓанин може да го види со голо око, што јасно покажува дека да, тоа купче, би рекла, можеби најмногу тежи. Од друга страна гледано и од економските параметри, преку бруто домашниот производ и растот на БДП, јасно покажува дека навистина и Владата има придонес, да кажеме, преку растот БДП, иако тој не е резултат само на тоа што го прави Владата, но и Владата има делумно придонес во растот на бруто домашниот производ“.

Во интервјуто се осврна на прибирањетона приходите во Буџетот при што истакна дека полнењето е редовно и дека објавените податоци покажуваат дека кај сите даночни ставки има добра наплата. Единствената ставка кај која има пониска наплата се акцизите што е директно поврзано со мерките што беа преземени од страна на Владата.

Во врска со јавниот долг и задолжувањата, потенцира дека состојбата со јавниот долг досега успешно се менаџира, дека работите се под контролиа и дека задолжувањата креираат економски раст.