Народната банка спроведе две одделни анкети за мерење на задоволството на корисниците и доставувачите на статистички податоци. Анкетите се дел од постојаните активности за унапредување на процесот на прибирање податоци, подобрување на нивниот квалитет, како и на начинот на презентација и достапност за јавноста.
Резултатите покажуваат уште повисоко ниво на задоволство од квалитетот на статистичките податоци, нивната достапност и навременост, како и од комуникацијата и поддршката што ја обезбедува Народната банка. Во споредба со анкетите спроведени во 2021 и 2013 година, речиси кај сите оценувани сегменти е забележано подобрување, при што просечните оценки се движат од 3,8 до 4,6 (на скалата од 1 до 5).
Корисниците изразуваат високо ниво на задоволство од статистичкиот веб-портал НБСтат, редовните статистички објави и достапноста на статистичките информации. Особено е зголемено задоволството од квалитетот на статистичките податоци, чија просечна оценка достигна 4,2. Позитивни оценки даваат и известувачите, кои високо ги оценуваат процесите за доставување статистички податоци, едноставноста на апликациите и обрасците, како и професионалната соработка со вработените во Дирекцијата за статистика. Воедно, кај двете групи испитаници, комуникацијата со вработените е издвоена како највисоко оценет сегмент, со просечна оценка 4,5, при што е забележано постојано подобрување во однос на резултатите од претходните анкети.
Анкетата истовремено посочува и на можности за понатамошно унапредување на статистичките услуги, пред сè преку обезбедување појасни методолошки објаснувања, поедноставување на статистичката терминологија, редовни обуки и работилници и натамошна дигитализација на процесите. Редовниот дијалог со корисниците и известувачите и натаму е основниот механизам за унапредување на квалитетот на официјалната статистика, транспарентноста и довербата во статистичките податоци.
Во Анкетата беа опфатени околу осумстотини испитаници, меѓу кои физички лица, деловни субјекти, банки и штедилници, останати финансиски институции, институции од јавната администрација, студенти, научници, медиуми, меѓународни и невладини организации.