Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари работна средба со претставниците на Националната фондација за демократија (НФД), Тања Драмац Јириес, заменик-директорка за Европа, и Ардита Абази Имери, програмска директорка во Институтот за европска политика (ИЕП), со кои разговараше за стратешките приоритети за наредните години, со посебен фокус на отвореноста на институцијата кон граѓаните и дигитализацијата на Собранието.

За време на средбата, претседателот на Собранието ја истакна својата визија за давање нова димензија на Собранието и негово трансформирање во транспарентна и отворена институција водена од демократските вредности и принципи. Во овој контекст, тој ги информираше за достигнувањата во областа на дигитализацијата, зголемувањето на институционалната транспарентност и поголемата вклученост на граѓанското општество во парламентарните процеси.

Претседателот, исто така, стави посебен акцент на важноста на проектите што ја трансформираа интеракцијата на Собранието со јавноста, истакнувајќи ја дебатната анкета, која ја опиша како еден од најуспешните и најпрофесионалните проекти спроведени досега. Овој процес, спроведен во соработка со Институтот за европска политика, овозможи директно вклучување на граѓаните во дискусиите за прашањата од јавен интерес, зајакнувајќи го дијалогот меѓу Собранието и граѓаните.

Претставниците на НФД и ИЕП го оценија напредокот постигнат кон модернизацијата и отвореноста на Собранието и ја изразија својата подготвеност да продолжат да ги поддржуваат иницијативите и проектите што ја зајакнуваат демократската култура, политичкиот дијалог и граѓанското учество во парламентарните процеси.

фото Собрание