Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“ за неговиот особен придонес во афирмирањето на самобитноста на македонскиот народ и за залагањето и активизмот за национално и социјално ослободување и создавање независна македонска држава.
Во своето обраќање таа истакна дека постхумното одликување на Анастас Коцарев претставува чин на исправување на историската неправда, но и можност државата да се самопотврди преку делото на научник од светски ранг.
Според неа, доделувањето на орденот „Илинден – 1903 година“ не е само свеченост, туку и значаен момент на збогатување на националната историја со личност чие влијание било тивко, но длабоко и далекусежно како во науката, така и во општествено-политичкиот живот.
Сиљановска-Давкова истакна дека неговиот пат од Охрид до најпрестижните европски универзитети сведочи за висок професионален дострел и успех, но и за компаративност, компатибилност и компетитивност со најголемите научни умови, како Марија Склодовска-Кири.
Таа посочи дека Коцарев не бил само врвен научник, туку и активен борец за македонската кауза, вклучен во меѓународни иницијативи и движења за признавање на правото на самоопределување на македонскиот народ.
Претседателката укажа дека со ова признание „заборавениот Македонец“ станува незаборавен и најави дека куќата во Охрид каде што Анастас Коцарев е роден ќе добие симболично обележје.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:
Почитувано семејство Коцареви,
Почитувани присутни,
Денес сме собрани за да му оддадеме должно, но задоцнето признание на човекот чие дело одамна ја надмина и надрасна потребата од препознавање и вреднување на стореното. Впрочем, нам ни е повеќе потребна наградата, одошто нему, оти медицинскиот великан и луцидниот општественик кој бил далеку пред времето, ја легитимира малата држава како татковина на научник од светски глас со којшто се гордееме, кого го почитуваме и наградуваме.
Постхумното доделување на орденот „Илинден – 1903 година“ на Анастас Коцарев не е само голем свечен чин, туку и момент на збогатување на македонската национална историја со важна личност, која тивко, но плодно живеела и работела и бурно влијаела врз научниот, па и политичкиот живот, кога се работело за македонските работи.
Коцарев е дел од врвната медицинска научна елита, а неговиот опус не е само енциклопедија на податоци и факти, туку научна истражувачка приказна, модус на живеење, посветен на решавањето не само на големите медицински прашања во времето во коешто живеел, туку и на егзистенцијалните и судбински политички предизвици врзани за статусот на македонскиот народ и неговата неизвесна иднина.
На својот кус, но духовно богат и научно плоден животен пат, тргнал од родниот град Охрид, итајќи и целејќи кон најпрестижните европски универзитети и високообразовни центри, жеден за знаење и истражување, каде што учел и се усовршувал, а потем предавал и професорувал.
Се разбира, умот цвета во интелектуален амбиент и раѓа висококвалитетен род, неопходен за лекување на најопаките болести и здравствени закани.
Неговата научна соработка со професорката и директорка на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“, Марија Склодовска-Кири, не е само висок професионален дострел и успех, туку доказ за компаративност, компатибилност и компетитивност со најголемите умови на тогашната научна мисла и пракса, на еден од најумните Македонци, насочена кон врвни откритија, наградени со најпознатите и најзвучни признанија и награди.
Во 1927 година, научниот пат го одвел во американскиот медицински колеџ во Истанбул, каде што работел како професор по експериментална патологија. Во 1928 година се сели во Франција, каде што ја запознал Сесил Пинел, неговата идна вереница. Во 1931 го одбранил својот втор докторат на Медицинскиот факултет „Сорбона“ во Париз.
За жал, истата година починал под мошне неразјаснети околности, од смрт веројатно поврзана со неговата работа опасна по здравјето.
Откривањето и употребата на радиумот не е само технички прогрес, туку еден сериозен обид да се контролира болеста со дотогаш непознати, а можеби и незамисливи методи во областа на радиографијата и онкологијата.
Но Коцарев, не е само страствен вљубеник во медицината, ниту изолиран осамен научник. Анастас е храбар Македонец, посветен активист меѓу македонските друштва во Швајцарија и во Франција, борец и творец на многу иницијативи до Версајската конференција, човек којшто барал гарантирање и остварување на правото на самоопределување на македонскиот народ и формирање на независна македонска држава.
Коцарев ужива огромен углед во македонските друштва во Цирих, Женева и Лозана, заради што ќе биде и избран за претседател на „Заедничкото друштво на Македонците за независна Македонија“.
Позната е неговата заложба и неговото барање за формирање тричлена комисија, којашто би ги застапувала интересите на македонскиот народ, како и бројните петиции до надлежните меѓународни тела и важни поединци за праведно решавање на македонското прашање.
Анастас Коцарев не е само олицетворение на моќта на науката во македонско-француско-швајцарското поврзување и пријателство, туку заколнат и верен македонски патриот. Тој, од една страна ја покажал и докажал обединувачката моќ на науката, но од друга, борејќи се за македонската кауза ја докажал неизмерната љубов и посветеност на обесправената татковина.
Цврсто верувам дека со наградата којашто му ја доделуваме, славниот „заборавен Македонец“ ќе стане „незаборавен Македонец“ за век и веков, славен научник и политички деец, неповторлива личност.
Анастас Коцарев е човек од знаење, од светски глас кој ужива неспорна почит, творец и истражувач чии дела и методи се цитирале и се цитираат во современата медицина, но и политички ангажиран интелектуалец со јасни политички заложби.
Би сакала во име на Комисијата за доделување награди и признанија, со особена чест, со орденот „Илинден – 1903 година“, да го обзнанам признанието за неговиот исклучителен придонес во афирмирањето на идејата, заложбата и борбата за признавање на самобитноста на неговиот и мојот македонски народ.
Ваква личност, ваква величина мислам дека треба да се слави. Затоа ја истакнувам. Тој персонифицира единство меѓу научната посветеност, но и политичката активност. Коцарев е синоним за синергија меѓу прекрасниот ум, продорната мисла и храброто дејствување, тој не е само македонски, туку и француски, швајцарски и светски научник.
Со оваа постхумна награда и со обележјето на куќата во којашто е роден, ќе го вратиме Анастас Коцарев дома, а Охрид ќе добие уште еден великан!
Благодарам.