Врвен приоритет на Владата на Северна Македонија е истрагите да не завршуваат само со кривичното дело, туку и со материјална одговорност на сторителите, односно со одземање на незаконски стекнатиот имот, порача на денешната „Конференција за ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“, заменикот на претседателот на владата задолжен за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски. На конфернцијата свои обраќања имаа министерот за правда Бојан Маричиќ, претседателот на Европскиот суд за човекови правда Роберт Спано, Амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј, програмскиот директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот и Билјана Брајтвејт, претседателката на Врховен суд на Северна Македонија, Беса Адеми и раководителката на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива, Десислава Готскова.

Николовски се осврна кон реализацијата на владините заложби за функционални механизми за спречување на корупцијата и криминалот и конфискација на нелегално стекнат имот.

„Водејќи се од принципите на заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, веќе ја имаме драфт верзијата на Законот за потекло на имот, нешто што за прв пат го добива нашата држава. Со ваквото законско решение, кое содржи низа механизми и одредби, за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот. Дополнително, усвоена е Националната Стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот со Акциски план 2021/23 година, којашто придонесува за зајакнување на капацитетите на институциите и зголемување на ефикасноста на кривичните истраги што треба да резултираат со конфискација на имот и противправна имотна корист“, рече вицепремиерот Николовски.

Дополнително вицепремиерот Николовски ги нотираше аспектите во областа на борбата против корупцијата кои беа позитивно оценети со последниот извештај на Европската комисија за прогресот на земјата во евроинтеграциите. Николовски потенцираше дека пораката е јасна – криминалот е неисплатлив, а конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се услов за истерување на правдата до крај.