Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, на денот кога Европа го слави Денот на победата над нацизмот, објави црно-бело видео снимено во разурнатиот Бородјанка, град во близина на Киев кој беше целосно уништен во руската инвазија.

Во драматичното видео, Зеленски повлекува паралели меѓу борбата на Украина против руската инвазија и борбата против фашизмот и нацизмот во Втората светска војна и вели: „Никогаш повеќе? Обидете се да ѝ го кажете тоа на Украина“.

Зеленски вели дека „никогаш повеќе“ – ветувањето по Втората светска војна дека нема да се дозволи враќање на фашизмот – сега е само „повторно“, а злото се вратило.

Тој вели дека некои луѓе го заборавиле ветувањето. Украина сега е првата линија на битката.

Инаку, лидерите на групата Г7 денеска треба да одржат видео конференција на која ќе доминира загриженоста за руската инвазија на Украина.

Во него треба да учествува и Зеленски, кој за ситуацијата во неговата земја ќе ги информира лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.