Плата за приватните специјализанти, фер договори за државните специјализанти и укинување на лихварските договори со обврски и меници на преку 100 000 евра, укинување на интермедиерниот испит, укинување на снимањето и емитувањето во живо на нашите испити и колоквиуми, бесплатна вакцинација против хепатитис Б за сите специјализанти, здравствено осигурување на приватните специјализанти и платените дежурства, се реалност, соопшти Здружението на лекари специјалисти.

Овие постигнувања, посочуваат од Здружението, меѓу другото се резултат и на покажан слух и неколкугодишна плодна соработка со Министерството за здравство и министерот Венко Филипче, која се надеваме дека без оглед на околностите и одлуките кои ќе следат, ќе продолжи со истиот интензитет во насока на подобрување на статусот на специјализантите.

– Охрабрени од фактот дека сите погоре наброени ставки денес се реалност, можеме само да гледаме напред и да ја продолжиме мисијата кон идни цели и успеси, за подобар статус, положба и едукација на младите лекари и специјализанти, со надеж дека што повеќе од нив ќе ја гледаат својата иднина, живот и кариерен развој да ги рамките во сопствената држава, стои во соопштението од Здружението на лекари специјалисти.