Здравко Илиќ, Виш експерт за трговија со услуги во Секретаријатот на ЦЕФТА ги претстави политиките за електронска трговија во рамките на ЦЕФТА , потенцирајќи ја нивната важност за градење на регионалниот маркет за е-трговија, на панел сесијата –  Улогата на владите во забрзувањето на регионалната е-трговија, на  E-commerce конференцијата во Скопје.

Во фокусот на неговото обраќање беа токму политиките за електронска трговија – збир на договори кои неодамна беа постигнати во рамките на ЦЕФТА, како дел од агендата на Заедничкиот регионален пазар.

 „Електронската трговија е една од водечките иницијативи во рамките на ЦЕФТА. Неговата цел е да создаде еден заеднички дигитален пазар каде компаниите и потрошувачите ќе можат да продаваат и купуваат од каде што сакаат. Ние се обидуваме да донесеме искуството од единствениот дигитален пазар на ЕУ во регионот и да се подготвиме за истиот“, истакна Илиќ, образложувајќи ја важноста од спроведувањето на овие клучни договори и придобивките што тие ќе ги донесат за компаниите и потрошувачите во Западен Балкан:

Одлука за олеснување на електронската трговија која ќе ги поддржи малите и средни компании кои продаваат онлајн, поедноставувајќи ги законите и регулативите на сите пазари на ЦЕФТА.
Одлука за испорака на пакети (пратки) помеѓу ЦЕФТА страните ќе овозможи заедничко следење на тарифите и адресирање на превисоките цени за испраќање пакети на различни пазари на ЦЕФТА и воедно ќе промовира хармонизиран пристап во стандардизацијата за подобрување на квалитетот на услугите и интероперабилноста.
Одлука за спречување на неоправдано гео-блокирање ќе обезбеди потрошувачите да бидат заштитени од неоправдани практики на гео-блокирање, како што е ограничувањето на пристапот до веб-страниците или стоките и услугите што се нудат.

 Илиќ објасни дека сите договори ќе бидат од директна корист како за потрошувачите, така и за бизнисите. Одлуката за олеснување на е-трговијата се стреми да ги намали трошоците за продажба и купување онлајн регионално преку воведување заеднички пазарен принцип (продавачот треба да ги почитува само домашните правила) и усогласување на клучните правила за заштита на потрошувачите, како што е правото на враќање на производите нарачани преку Интернет. Додека Одлуката за  испорака на пратки и Одлуката за спречување на неоправдано гео-блокирање ќе гарантираат дека луѓето кои купуваат онлајн ќе имаат исто ниво на заштита на потрошувачите, транспарентност на цените и пристап до онлајн купување на други пазари на ЦЕФТА, без разлика на нивното живеалиште или седиште на фирмата.

Важно е да се истакне фактот дека сите договори се усогласени и засновани на Директивата на ЕУ за е-трговија, Директивата на ЕУ за заштита на потрошувачите, Регулативата на ЕУ за прекугранична испорака на пакети и Регулативата за гео-блокирање на ЕУ.

Илиќ, во своето обраќање ги објасни следните чекори кои треба да ги направат владите на ЦЕФТА страните: „Договорите се подготвени. Сега истите треба да бидат усвоени од Заедничкиот комитет. Првата можност за ова е во рамите на неделата на ЦЕФТА (CEFTA Week), која оваа година се одржува во Брисел во втората недела од декември. По нивното  усвојување, следи  многу работа како би се реализирале сите одредби, но она што е предност е помошта која ја имаме од ЕУ и германската влада, па токму затоа сме подготвени веднаш да почнеме со работа “