Денес, 27.05.2021, со почеток во 12ч преку ЗООМ платформата се одржа конференција на тема „Квалитетот на воздухот во затворени простории и здравствените ризици од загадувањето на воздухот“.

Конференцијата е во организација на Центар за климатски промени во рамките на проектот „Зголемување на свеста за внатрешното загадување на воздухот во основните училишта во Македонија“ кој е финансиран од Австралиската Амбасада во Белград.

На конференцијата поздравен говор одржа Амбасадорката на австралиска амбасада во Белград, Н.Е. Рут Стјуарт, која ја истакна клучната улога на воздухот во детерминирање на квалитетниот живот и тоа дека квалитетот на воздухот во внатрешните простории е подеднакво важен исто како амбиенталниот.

Поздравен говор одржа и Градоначалникот на Општина Карпош, г-дин Стефан Богоев, кој ги образложи заложбите на општината за подобар квалитет на воздухот во основните училишта и генерално активностите за здрава животна средина.

Понатаму во текот на втората сесија беа презентирани резултатите од кампањата за следење на квалитетот на воздухот во основните училишта во  Општина Карпош. Анализата покажа дека концентрациите на РМ10 и РМ2,5 се прилично ниски што во голема мера е условено од ситуацијата со пандемијата предизвикана од Ковид-19. Намалениот број на ученици во училиштата, во овој случај само ученици од 1-3 одделение кои ја следеа наставата со физичко присуство, се главните причини за ниските концентрации на овие 2 загадувачки супстанци.

Дезинфекцијата, проветрувањето на просториите, не можноста на децата да играат во училниците и холовите за време на одморите, но и зголемената хигиена се одговорни за добриот квалитет на воздухот во училиштата во општина Карпош.

Понатаму, за методите за следење на квалитетот на воздухот и потребата од следење на квалитетот зборуваше проф. Д-р. Дејан Мираковски од Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Тој исто така потенцираше што е потребно да се направи со цел подобрување на условите во училиштата, односно за потребата од подобрување на вентилација па дури и во училишта кои се наоѓаат во еколошки чисти средини.

Вториот дел од сесијата се фокусираше на здравствените ризици односно проценката на здравствените ризици врз здравјето на луѓето за кои детално зборуваше Проф. Д-р. Драган Ѓорѓев од Институт за јавно здравје. Тој во својата презентација образложи и конкретни примери од Македонија и регионот во кои се направени проценки врз здравјето на луѓето од изложеноста на аерозагадувањето.

На крај, претставничката на Светската здравствена организација, Д-р. Ирина Застенскаја ги  презентираше активностите на СЗО за проценка на здравствените ризици врз здравјето на луѓето.

Конференцијата е одлична основа за актуелизирање на проблемите и потребата од следење на квалитетот на воздухот во затворени простории кој е исто толку важен колку и следењето на квалитетот на амбиенталниот воздух. Конференцијата ја потенцираше потребата од подобрување на законската регулатива за следење на квалитетот на воздухот во затворени простории, но и потребата од обезбедување на подобри услови во училиштата од страна на локалните и државните власти. Заклучоците од конференцијата ќе бидат објавени на веб страницата на Центар за климатски промени.