Од 63-тата седница: Забранет извоз на огревно дрво, пелети и пченица и брашно, укината царината за увоз на масло за јадење до крајот на годината; Препораки за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица; Апел до граѓаните за внимателно движење во шумите и избегнување дејствија кои можат да предизвикаат пожар

Со цел да се заштити домашното производство, и да се одржи снабдувањето на домашниот пазар, за да се избегне растот на цените, во насока на задржување на стандардот на граѓаните, Владата на денешната седница донесе две одлуки, едната за ограничување на извозот на одредени производи и другата за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.

За да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.

Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението.

На денешната 63-та владина седница, на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година, со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.

Во консултација на Министерството за економија и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата повторно донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
Оваа одлука ќе важи до 31.12.2022 година. Ваква одлука се применуваше до 31 мај 2022 година. Имено, редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29%, така да со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или се предмет на мала бесцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија.

Владата на денешната седница, врз основа на известување за одземените лиценци на БЕГ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија го задолжи, а со цел поуспешно пребродување на кризата со топлинска енергија го задолжи АД ЕСМ – Скопје да спроведе постапка за основање на трговски друштва и тоа: Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност производство на топлинска енергија, Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија и Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје, чиј основач и единствен содружник ќе биде АД ЕСМ – Скопje.

Новооснованите друштва основани од АД ЕСМ – Скопје кои ќе вршат енергетски дејности на подрачјето на Град Скопје се задолжени да се јават во постапката за избор на вршител на енергетска дејност кој што ќе има обврска за обезбедување на јавната, односно универзалната услуга која ја спроведува Владата.

АД ЕСМ е задолжено да спроведе постапка за основање на Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице за вршење енергетска дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на градот Битола, Новаци и Могила, чиј основач и единствен содружник ќе биде ЕСМ-Скопје.

Владата на Република Северна Македонија во знак на солидарност и во насока на зајакнување на партнерството и соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција донесе Одлука за испраќање на припадници и капацитети на Армијата на Република Северна Македонија во поддршка на гасење на пожари, во Грција.
Се работи за припадници на Армијата со јачина од еден вод, со вкупно 30 припадници и хеликоптер со посада и потребни капацитети за гасење на пожар.

Сите потребни мерки и активности за координација со властите во Република Грција, во врска со поддршката при гасењето на пожарите ги презема Министерството за одбрана- Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од 21 до 24 јули 2022 година дека територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокаловата фаза, Владата донесе препораки за ослободување од работни обврски на најранливите групи на население, бремените жени и хронично болните лица.

Во градинките се препорачува да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата надвор од 11:00 до 17:00 часот.

Препораките важат и за единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, за пружање помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, во регионите опфатени од топлотниот бран.

Исто така се препорачува, работодавците да ги почитуваат законските обврски во насока на одредени технолошки и производни процеси, кои претставуваат дополнителен ризик за здравјето на работниците.

Владата упати апел до јавноста и граѓаните за внимателно движење во шумите и избегнување дејствија кои на отворен простор можат да предизвикаат пожар.