Од 103-та седница на Владата: Донесени мерки и за излез од државата; Прифатен е предлогот наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар да започне онлајн во првите 14 дена, а во Кичево и Струга во првите 7; Во Куманово ќе се формира Центар за обука за управување со кризи

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест КОВИД-19 со кои од 1 септември 2021 година домашните и странски државјани и за излез од територијата на Република Северна Македонија на граничните премини ќе мора да приложат:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или

– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или

– Медицинска потврда со негативен резултат од PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Република Северна Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.

Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.

Владата денеска донесе измени со кои се предвидуваат исклучоци од оваа мерка за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.

На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.

Владата денеска го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга, заради ситуацијата со вирусот во овие општини, по што, откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата.

На денешната седница е дополнет и протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми бројот на деца од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.

Владата на Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Договорот за соработка меѓу НЕР АД Скопје и ДЕСФА С.А. за реализација на проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција со предлог Одлука за гарантирање на реализацијата.

После меморандумот за соработка на ниво на министерства, овој договор е последниот чекор за стартување на работите интерконекторот за гасоводно поврзување меѓу двете земји кој треба да го спроведат двете компании кои имаат непосредна надлежност над овој проект.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за процесот на подготовка на Програмата на економски реформи (ПЕР) 2022-2024 година со Акциски план за исполнување на заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог со Европската Унија од 12 јули 2021 година.

Програмата за економски реформи (ПЕР) содржи макроекономски проекции, план на буџетот за наредни три години, план на структурни реформи, преглед на степенот на имплементација на структурните реформи, како и преглед на преземени активности во однос на препораките од заедничките заклучоци. ПЕР е среднорочен тригодишен документ, а се ажурира секоја година и се доставува до Европската комисија која ги евалуира реализираните економски реформи.

Согласно Хоризонталниот преглед на Програмите за економски реформи 2021 – 2023 година на државите од Западен Балкан и Турција, што го прави Европската комисија, Република Северна Македонија има постигнато најголем успех во спроведување на препораките од минатогодишниот Економско – финансиски дијалог.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за донесување на Долгорочна стратегија за климатска акција со Акциски план со која се дефинира придонесот на Северна Македонија во глобалните напори, преку патот кон зелен, ниско јаглероден и климатски отпорен развој, заснован на најдобрите достапни информации и во контекст на пристапувањето на земјата во ЕУ.

Согласно Парискиот договор, донесувањето на јасна Долгорочна стратегија за климатска акција со Акциски план е чекор кон постигнување на целта за ограничување на глобалното зголемување на температурата за 1,5-2ºС со нула емисии на стакленички гасови до средината на 21-от век.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за поддршка од САД во реконструкција на објект на Центарот за управување со кризи во Куманово, кој треба да прерасне во Центар за обука за да се унапредат капацитетите на системот за справување со природни катастрофи.

Кога ќе биде готов овој објект тој ќе биде целосно опремен за функционална работа на Центарот за обука, како и за сместување на Регионалниот штаб за управување со кризи во Куманово кој покрива 6 општини во североисточниот регион, вклучувајќи ги и пограничните региони со соседните земји Србија и Бугарија.