Министерството за образование и наука информира дека на 3 декември заврши рокот за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, кој траеше од 25 ноември.

Апликациите ќе бидат разгледувани од страна на посебна комисија формирана за оваа намена, откако ќе пристигнат податоците за апликантите кои се бараа согласно повикот, а кои ги обезбедуваат Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи и студентските служби на факултетите.

За потсетување, повикот се однесуваше на редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија, не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

Правото на субвенциониран студентски оброк подразбира добивање на месечен паричен надоместок од околу 2400 денари за 9 месеци во годината, односно по 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови. Годинава исплатата ќе се реализира ретроактивно, почнувајќи од 15 септември.