Во Шангај е потврден сосем нов сој на омикрон, нејасно е колку е опасен, пренесуваат медиумите.

Во сенка на војната во Украина, изборните победи на Орбан и Вучиќ и економските грижи, приказната за пандемијата на коронавирус падна во втор план, но во Кина се подготвува нова драма, не толку поради бројноста на заболени и починати туку поради драконската кинеска епидемиолошка политика, анализираат медиумите.

Сепак, „Фајненшл тајмс“ наоѓа простор да предупреди на таканаречената кинеска стратегија „динамична нула“, која ги одвојува родителите од децата поради заразата, а жителите на големите градови ги остава без лекови. По Пекинг, делови од Шангај по должина на реката Хунагпу беа предмет на две четиридневни затворања, но брзото ширење на омикрон-сојот ги натера кинеските власти да ги прошират ограничувањата на целата област Пудонг, која го вклучува финансискиот штаб на градот.

Епидемискиот пристап на Кина е бескомпромисен и брутален, што можеше да се види од објавите на социјалните мрежи во кои жителите повикуваа на помош, но овие апели беа избришани од кинеските цензури во текот на викендот. Во моментов, бројот на случаи е поголем отколку во Хонгконг, каде што во март е забележана најголема стапка на смртност во светот. На кинеските социјални мрежи граѓаните објавија дека има недостиг од намирници во продавниците, а поединци предупредуваат дека не можат да ги набават лековите потребни за редовни терапии. Некои од овие најави беа очајнички повици за помош од луѓето зависни од медицински терапии, пренесуваат агенциите.

Во зградите каде што била откриена инфекција со коронавирус, Шангајците биле затворени две недели, без разлика дали биле позитивни или не, а властите организирале испорака на храна за да преживеат.

На социјалните мрежи имало и апели од родители на кои им ги одзеле децата затоа што биле позитивни на коронавирус. Во случај родителите да се позитивни, а децата негативни, и тие се раздвојуваат, а во тој случај родителите доаѓаат на посебни локации додека децата остануваат дома, сами. Локалните власти тврдат дека се обезбедени привремени старатели за децата оставени сами затоа што нивните родители биле ставени во карантин.

ЕУ ги повика кинеските власти да престанат да ги раздвојуваат родителите и децата и да обезбедат соодветна грижа за оние кои се во опасност од некаква медицинска интервенција поради епидемиолошки мерки. Епидемиолошките мерки се спроведуваат по политички принцип, па понекогаш се игнорираат препораките на професијата и се иницира посебна изолација и хоспитализација на асимптоматски пациенти, што го блокира болничкиот систем, исто како и во Хонгконг, стои во новинарските извештаи.

Кинескиот вицепремиер призна дека стратегијата „нулта ковид“ за метропола со 25 милиони луѓе е голем предизвик, но тој инсистираше Шангај да води строга епидемиолошка политика и да го прошири својот простор за изолација.

Сè уште не е јасно како да се интерпретираат информациите дека кинеските здравствени власти идентификувале нова мутација на коронавирус, различна од омикронската варијанта БA.1.1.

Според „Глобал тајмс“, овој нов сој бил потврден кај пациенти со умерена форма на болеста, на околу 70 километри од Шангај. Новата подваријанта не се совпаѓа со ниту една друга досега пронајдена во Кина или пријавена во GISAID, која собира меѓународни податоци.

Сите 25 милиони луѓе во Шангај моментално се под некаква рестрикција, јавуваат тамошните медиуми.