Ваквата идеја засега останува план „Б“ и се уште не се остварува во практика, а во меѓувреме Владата од месец во месец се фали со се поголеми заштеди на струја, а мерките за штедење на електрична енергија даваат резултат.

Па така, министерот за економија Крешник Бектеши, презентирајќи ја анализата за заштеда на електрична енергија во септември споредено со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија истакна дека е остварена вкупна заштеда од 24% на потрошувачката на електрична енергија.

-Најголема заштеда има зградата на Министерство за образование до 58%. Заштедата на електрична енергија на Владата изнесува 32%, кај Собранието заштедата во октомври е 22%, кај Кабинетот на Претседателот на државата 24%, кај административната зграда на ЕСМ заштедата е 25%, а кај МЕПСО 22%. Ако се земат предвид податоците вклучително и на сите државни претпријатија, агенции и управи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24%, изјави Бектеши.

Во анализата на потрошувачката на електрична енергија за месец октомври 2021 година споредено со истиот месец во 2022 година се опфатени вкупно 19 јавни претрпијатија во државна сопственост со сите подрачни единици, каде вкупната заштеда изнесува 17%.

-Во услови на тешка состојба на глобалниот пазар за енергенси, Владата донесе план за штедење со конкретни насоки за сите органи во состав на државната управа. Овие податоци за заштеда на електрична енергија, покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме беспотребно електрична енергија може да се направат големи заштеди, истакна Бектеши.

Неодамна и владиниот советник за енергетика Виктор Андонов потенцира дека препораките за заштеда на електрична енергија веќе се спроведуваат од институциите, за што се доказ бројките од месец октомври кои покажуваат дека државните институции успеале да заштедат 24 отсто електрична енергија. Тој оценува дека електро-енергетскиот е стабилен.

-Заради пониските температури да бидеме уште повнимателни во користењето на електричната енергија за да го продолжиме овој тренд на намалување на потрошувачката, односно да продолжиме со зголемување на заштедите. Како одговорна Влада, одговорно менаџираме со ресурсите. Сакам да се заблагодарам до сите колеги вработени во Владата и до сите вработени во државните институции кои покажаа висока свесност за состојбата во која се наоѓаме и евидентно, бројките покажуваат резултат со заштеда која е нотирана веќе втор месец по ред, истакна Андонов.

Тој порача дека секоја мала промена на навиките може да доведе до голема заштеда на електрична енергија и ресурси и дека заштедите се многу важни за да имаме стабилен енергетски систем и да ја намалиме оптовареноста.