„Донесувањето на Законот за контрола на индустриските емисии претставува голем исчекор кон заштитата на животната средина како целина, како и приближување на нашиот законодавен систем до правото на Европската Унија од областа на индустриското загадување. Законот целосно и ефикасно ја транспонира Директивата за индустриски емисии 2010/75/EU и ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола на индустријските инсталации, базирајќи се на интегриран пристап и задолжителна имплементација на Заклучоците за најдобри достапни техники. Во однос на големите индустриски капацитети што подлежат на А- Интегрирани дозволи, Законот овозможува подетално регулирање на поставените услови во дозволата, а што е особено важно за помали капацитети што подлежат на Б – Интегрирани дозволи се воведуваат секторски, општи и обврзувачки правила што ќе биде од голема помош за општините”, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешната јавна расправа на којашто беше презентиран новиот Нацрт-Закон за контрола на индустриски емисии.

Цел на овој закон е спречување и колку што е можно повеќе намалување на загадувањето што е предизвикано или што може да биде предизвикано од спроведување на индустриските активности, преку контрола на индустриските активности согласно одредбите на законот, како и обезбедување на соодветен интегриран пристап за спречување и контрола на емисиите во воздухот, водата и почвата.

„Новиот Закон за контрола на индустриските емисии ќе донесе големи придобивки за почистата животна средина, спроведувањето на Директивата за индустриски емисии, ќе води кон подобар квалитет на воздухот (во однос на емисиите на прашина, SO2, NOx, метали и диоксини), ќе се подобри квалитетот на водата и почвата, ќе се овозможи подобро управување со отпадот и енергенсите, ќе се намалат штетите на вегетацијата и екосистемите, но ќе има и позитивни ефекти врз економијата”, порача министерот Нуредини.

На денешната јавна расправа по овој Нацрт закон се слушнаа забелешки и конструктивни предлози од присутните претставници на реномирани компании, граѓански организаци, инспекциски служби и други институции. Коментари и забелешки ќе можат да се доставуваат до Министерството и во наредните десет дена. Истите, според Нуредини се добредојдени, ќе бидат разгледани и соодветно одговорени, а се со цел да се добие добар и применлив Закон што ќе овозможи развивање на стопанството согласно европските стандарди, но и поголема заштита и контрола на квалитетот на животната средина.