Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека западните новинари ќе бидат протерани од Русија доколку Јутјуб го блокира пристапот до снимките од прес-конференцијата на руското Министерство за надворешни работи.

На редовната прес-конференција, Захарова рече дека руското министерство го предупредило YouTube за блокирање на содржината.

Мерки против медиумите
– Дојдовме кај нив и им кажавме: „Ако блокирате друга прес конференција, еден новинар или целата кореспонденција на некои американски медиуми си оди дома. Блокирајте друга прес конференција и ќе именуваме конкретен новинар или конкретен медиум чии новинари ќе треба да ја напуштат Русија – рече Захарова.

Таа додаде дека Москва работи на мерки против медиумите на англиски јазик поради, како што смета, „непријателските акции на странските влади кон медиумите на руски јазик“.

Затворање на дописни канцеларии
Коментарите на Марија Захарова доаѓаат во време откако руските пратеници го одобрија законот со кој обвинителството има овластување да затвораат странски медиумски бироа доколку оценат дека одредена западна земја од која доаѓаат медиумите е „непријателска“ кон Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин во март потпиша закон со кој се изрекуваат затворски казни до 15 години за лица кои намерно ширеле „лажни“ информации за руските вооружени сили во земјата, пренесува Хина.