Претседателот на СДСМ, Зоран Заев два дена по изборниот ден преку писмо се обрати до членовите на партијата, во кое потенцира дека промените не се доволни и дека борбата не е завршена. Тој дополнува дека СДСМ греши, но учи и се поправа. Писмото на претседателот на владејачката партија Ви го пренесуваме во целост:
„Другари и другарки, храбри социјалдемократи, поддржувачи на демократијата и на прогресот,

Дозволете да ви се заблагодарам за целокупниот ваш ангажман и труд што го дадовте за овие избори, но и за сите процеси во изминатите години низ кои заедно ги направивме големите промени во македонското општество. Трудот е наш, заеднички, на сите, но денес е јасно дека промените не се доволни, дека тие треба да се случуваат многу побрзо и поквалитетно и дека нашата борбата не е завршена.

Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно.

Граѓаните ја бараат нашата мобилизација и нашата борба за нов циклус промени. Граѓаните сакаат земјата и општините да ни одат напред и ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините. Ние имаме демократска обврска да се бориме, да испорачаме промена и подобрување во начинот на наше управување и да застанеме на патот на заканите и опасностите кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ.
Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас.

Затоа, мораме да ја зголемиме нашата достапност, отвореност и експедитивност во решавањето на проблемите на секоја индивидуа, на секоја група граѓани. Ние не сме и никогаш нема да бидеме недостижни и недостапни, тоа нам не ни прилега. Напротив, ние сме и мораме да останеме скромни и приземјени. И само така ќе го одржиме правецот на кој заедно ја поставивме нашата земја.

Затоа, ве повикувам на  ОБЕДИНУВАЊЕ!
Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме. Тоа го имаме и докажано, и покажано преку бројни примери кога критиките и пораките од граѓаните сме ги прифаќале и сериозно сме ги ревидирале и подобрувале нашите чекори и политики.

Велат дека за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат
ништо. Овој пат, ние нема да набљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција.
Исклучително важно и неопходно е секој Општински изборен штаб да биде во постојана консултација со Централниот изборен штаб и да ги следи насоките, од една страна, но и да биде отворен за предлозите, ставовите и пораките кои доаѓаат од членството, од поддржувачите и од граѓаните, од друга страна.

Потребна е брза анализа и враќање на теренот ВЕДНАШ. Потребни се брзи
промени и акции кои ќе придонесат кон БОРБА, УВАЖУВАЊЕ НА ГЛАСОТ НА
ГРАЃАНИТЕ, ОБЕДИНУВАЊЕ и со тоа ПОБЕДА на СДСМ во вториот изборен круг. Тоа и тоа како е можно и е на дофат.

Од нас зависи. Потребно е да се обратиме и да подадеме рака на секој еден
човек, секој еден глас којшто можеби сме го пропуштиле во првиот изборен круг.
СДСМ го слушна гласот на граѓаните и ќе направи сè да го обедини прогресот.

Напред другари. Борбата продолжува!

Ваш,
Зоран Заев“, се вели во писмото.