„Потребно е многу повеќе грижа и многу повеќе ефикасност во служењето кон граѓаните. Тоа е промената која ја внесуваме и во централната, и во локалната власт и внатре во СДСМ како партија. Станува збор за сериозна промена во односот и испораката на услуги од страна на институциите, од функционерите и од администрацијата – до вас, граѓаните“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во неговото обраќање пред вториот круг од локалните избори.

Тој додаде дека граѓаните јасно кажале, а тие слушнаа, уважија и постапуваат со цел да се забрза државниот апарат за да служи повеќе и подобро за народот.

„Секој да добие одговор, секој да си заврши работа, на време, квалитетно и со добар однос, бидејќи тоа му следува на секого. Тоа е промената во која се вложивме сите. И за оваа промена стојам пред вас и барам да ја поддржите опцијата која ве слуша и која постапува согласно вашиот глас и став“ кажа Заев.

Тој нагласи дека движењето напред е можно само заедно со луѓето и затоа даваат помош и поддршка за луѓето, со особен фокус на социјално загрозените, за послабите и беспомошните во општеството.