Премиерот Зоран Заев на Економскиот форум кој денеска се одржува во Скопје рече дека започнува нов ера на соработка во регионот. Во своето воведно обраќање најави дека ќе бидат потпишани два важни меморандуми и еден договор кој ќе ги олесни административните процедури.
 
-Силната политичка волја и поддршката што ја добивме од деловните заедници на сите земји во регионот за нов импулс и за ребрендирање на регионалната соработка со многу повеќе динамика и за многу повеќе ефектие наша, автентична и непосредувана иницијатива. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма и убеден сум дека тоа ќе биде препознаено како иницијативност за почит и за поддршка во Брисел и Вашингтон, рече Заев.
 
 
Тој рече дека регионалната соработка  го забрзува процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан и дека ова е заеднички процес на Северна Македонија, на Албанија и на Србија, но иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.
 
-Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух да го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и да продолжиме да даваме сѐ од себе за тоа да се случи, рече Заев.
 
На Економскиот форум во Скопје присутни се и премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.