Злоупотребата на руските потенцијали со енергенси како оружје во политиката и војната во Украина, отвори дополнителни суштински прашања за стратегијата на нашата земја во однос на сопствената енергетска независност како единствена исправна перспектива, нагласи поранешниот премиер Зоран Заев на предавањето на темата „Енергетската и инфлациската криза“ што денеска се одржа на Универзитетот на југоисточна Европа.

Заев посочи дека сценариото за енергетска самостојност и независност Северна Македонија започна да го применува уште од пред 3 или 4 години, кога создадовме поволни услови за инвестиции во фотоволтаици и ветерни електрани.

„До крајот на годината е најавено да заврши постапката за понудата на единствениот и конечен инвеститор за изградбата на проектот Чебрен на грчкиот конзорциум ППС, по што се очекува потпишување на договор за изградбана Чебрен, кој како идеа постои повеќе десетици години. Во последните две или три години, се најавија инвестиции во големи капацитети во фотоволтаични и ветерни електрани и во земјата влегоа двете најголеми компании за обновливи извори на енергија. Германската ПВД со ветерен парк со најголем капацитет во регионот, и „Акио Енерџи“ од Франција во соларен парк исто така најголем во регионот“, рече Заев.

Како посебно значаен Заев ги истакна придобивките што во себе ги носи проектот Александропули кој опфаќа ги опфаќа Гасниот терминал за течен гас од САД, Катар, Египет и други земји, и гасната електрана о капацитет од 800 мегават часови којшто, според бизнис планот на инвеститорите треба да бидат завршени до крајот на 2024 година.

Заев посочи дека Северна Македонија според сегашните потреби троши околу 400 милиони кубни метри гас годишно и ако нашата земја успешно го заокружи своето учество во овој исклучително значаен проект, со 500 милиони кубни метри гас, колку што Северна Македонија треба да обезбеди од вкупниот капацитет на терминалот, ќе се реши зависноста од гасот на Гаспром, односно од Русија.

Приклучокот и гасоводот од Александропули до нашата земја стануваат уште позначајни, истакна поранешниот премиер, ако се имаме предвид дека во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Скопје на грчката компанија Митилинеос, можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постоечката во Неготино.

Во меѓувреме како исправни Заев ги оцени политиките на владата со најновиот пакет мерки за да се зачува економската активност и да се обезбедат услови за социјална стабилност, кои ја вклучуваат и субвенцијата на цената на струјата до 80% како поддршка за стандардот на граѓаните.