Велат дека за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо. Овој пат, ние нема да набљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција. Потребна е брза анализа и враќање на терен веднаш. Потребни се брзи промени и акции за уважување на гласот на граѓаните, обединување и со тоа победа во вториот изборен круг. СДСМ го слушна гласот на граѓаните и ќе направи сè да го обедини прогресот“ пишува претседателот на СДСМ, Зоран Заев во писмото во кое се обраќа на своите сопартијци.
 
Тој додава дека победата во вториот изборен круг е возможна и на дофат, но дека е потребно да се обратат и да подадат рака на секој еден човек, секој еден глас кој можеби го пропуштиле во првиот изборен круг.
 
Претседателот на СДСМ во писмото пишува дека секој глас е важен и дека секој глас мора да биде слушнат, испочитуван и уважен и дека тоа е промената која граѓаните ја бараат од СДСМ.

-Мораме да ја зголемиме нашата достапност, отвореност и експедитивност во решавањето на проблемите на секоја индивидуа, на секоја група граѓани. Ние не сме и никогаш нема да бидеме недостижни и недостапни, тоа нам не ни прилега. Напротив, ние сме и мораме да останеме скромни и приземјени. И само така ќе го одржиме правецот на кој заедно ја поставивме нашата земја, вели Заев во писмото до сопартијците.

Тој додава дека сега е време за обединување, бидејќи од другата страна се истите насилници и криминалци кои со години ја уништуваа нашата земја.

-СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме. Тоа го имаме и докажано, и покажано преку бројни примери кога критиките и пораките од граѓаните сме ги прифаќале и сериозно сме ги ревидирале и подобрувале нашите чекори и политики, потенцира Заев во писмото.