„Една од првите приоритети на листата што новоформираната Влада во 2017 година беше заокружувањето на нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор  и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев на тематската седница по повод одбележувањето на 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

-Оваа значајна годишнина оваа година се совпаѓа и со 30 годишнината од независноста на нашата земја, со 80 годишнината од народното востание и 20 годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во  Европската Унија, кажа Заев.

Според него, тогашната Влада, во која министри се и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од сите претходни влади, и го донесе Законот за употребата на јазиците.

-Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите останати законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите, изјави Заев.

Во својот говор тој нагласи дека Охридскиот рамковен договор стави крај на конфликт кој со себе понесе и жртви, и кој спречи нашата заедничка татковина да стане место на продолжен конфликт и на општество без надеж за мирен живот, како и дека во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција биле ставени на најголемиот тест, сме покажале дека проблемите ќе ги решаваме низ институционалниот систем.
Тој додаде дека Охридскиот рамковен договорот донесе нов дух на водење политики, односно политики кои градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните.

-Прифативме дека Македонците, како мнозински народ во нашата земја, имаат одговорност да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја, заклучи Заев.