„Сакам да ги знам сите детали од истрагата, која потпомогната од експертите од Германија треба да ни ги предочи вистинските причини за трагедијата. Се работи за министер и заменик-министер во услови на КОВИД-19 кои одработија многу за справување со пандемијата“, истакна премиерот Заев во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 организирана како дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицковски.

„Пандемијата уште постојува, ќе потрае уште некое време и треба да бидеме одговорни какви одлуки донесуваме во време кога пред нас има сериозни предизвици. Да се злоупотребува оваа трагедија во политички цели е жалосно. Народот го препознава тоа и ќе го казни на избори“, потенцираше претседателот на Владата Заев.

Премиерот Заев нагласи дека е политичко профитерство да се злоупотребува трагедија и да се биде истражител и судија во исто време каква што улога преземе лидерот на опозицијата.

„Модуларните болници се според стандардите на Светска банка за времени сместување кои во одреден период спасија стотици животи“, рече премиерот Заев, и додаде дека беа неопходни за соодветно болничко згрижување на граѓаните во услови какви што предизвика пандемијата.