Премиерот Зоран Заев, денеска, во Тирана, учествуваше на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ, и со албанскиот премиер, Еди Рама, на која информираа за резултатите од самитот „Отворен Балкан“.

Заев потенцира дека „Отворен Балкан“ како иницијатива e силен придонес кон големите идеи и вредности на Европската Унија, придонес кој, како што рече, регионот не го носи на ниту едно друго место, туку единствено поблиску до самата Унија.

„Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија“, рече Заев на прес-конференцијата.

Премиерот ја истакна поддршката на САД и на ЕУ за оваа иницијатива и истакна дека таа е потврда за одржлив процес за заеднички економско-политички простор на Западен Балкан, со конкретни придобивки за граѓаните.