Додека ги решаваме крупните прашања во државата, додека се справивме со најсериозните предизвици коишто ги имала државата, вклучително и пандемија од 18 месеци ја покачивме минималната плата на 15.200 денари, таа не е повеќе 9.000 денари, со интенција да ја покачиме на 18.000 што е 100-процентно покачување на минималната плата, порача вечерва на караванот „Најдоброто за мојата општина“ во Радовиш, претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Тој додаде дека просечната плата сега 28.744 денари, а беше 22.400, нагласувајќи дека сите плати во државата денеска се повисоки за 100 евра.

Пензиите се покачени за 2.000 денари, но требаше да ја покриеме дупката во Пензискиот фонд, Фондот сега е стабилен обезбедува пензија за сегашните но и за идните пензионери, рече Заев и најави во ноември и декември менување на методологијата со која пензиите ќе растат не само според растот на цените на мало, туку и со растот на платите.

Како ќе растат платите, така ќе растат и пензиите, нагласи Заев.

Тој додаде дека социјалната помош е покачена за 300 отсто, платите на вработените здравството за 35 отсто во просек, негувателките и воспитувачките имаат повисока плата, за 25 отсто се поголеми платите на учителите и наставниците, поголеми плати имаат и вработените во културата армијата полицијата.

Заев нагласи дека сето ова е постигнато за само четири години, во кои државата постигна големи успеси на меѓународен план.

Сега сме пријатели со целиот свет со сите наши соседи имаме, денес нашиот суверенитет, нашиот територијален интегритет, нашата државност е заштитена, потврдена и обезбедена, заштитувајќи го тоа што е наша национална посебност, гарантирајќи го тоа што е важно за граѓаните а тоа е иднината. Сите овие успеси кои ги направивме, доаѓаа политичари 30 години ги ветуваа НАТО, ЕУ, ЕУ, НАТО – успеавме ние да ги реализираме. Еве после 20 години и попис спроведовме и покажавме кој има капацитет кој нема капацитет. И денес имаме основни податоци на кои ќе развиваме рамноправни регионални политики, да инвестираме и во градовите и во селата и во главниот град ама и во внатрешноста, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев од Радовиш.