Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, денес се обрати на граѓанската трибина „Најдоброто за мојата општина” од каде порача дека македонската економија е стабилна и дека државата е тука и за општините и за секој човек.

„Платите пораснаа за над 6.000 денари, и просечната и минималната, за три пати повеќе отколку во времето на ВМРО-ДПМНЕ. И ќе растат. За три месеци – минималната плата ќе биде 18.000 денари, а просечната над 30.000 денари. Платите, пензиите и поддршката од државата и натаму ќе растат, ќе бидат поголеми од потребните трошоци за живот.

Од 2022 година државата ќе ги покрива придонесите за нововработените млади и ќе има и плус стимулации. Уште повеќе ќе ја намалиме младинската невработеност. ВМРО-ДПМНЕ ја остави на 42%, ние ја намаливме на 29%. Со новите мерки ќе ја донесеме под 25%.

Носиме рекордно високи нови инвестиции, тоа се нови работни места, но и придобивки за целиот народ. Се реализира најголемата инвестиција во историјата на македонската економија – 69 ветерници од 500 милиони евра на германската „WPD“ на потегот Куманово – Крива Паланка. Струја од ветер, евтина еколошка струја достапна за нашиот народ, струја произведена тука на македонските полиња”, рече Заев.

Заев истакна и дека инвестициите од централната власт стратешки ќе се употребат за нови работни места и за повисоки плати за секого.

„Обезбедуваме рамномерен развој во сите региони со планска распределба на централните инвестиции. Ќе го поддржиме развојот на малите бизниси, посебно на дефицитарните бизниси во општините, за да се развиваат и да ги има во поголем број – тоа е нашата мисија.

Стимулираме развој на претприемништвото на локално нивo, јавното-приватно партнерство овозможува долгорочен економски развој.

Сите региони и општини ја имаат оваа централна власт за свој партнер и пријател.

Инвестиравме во сите региони, без никаква дискриминација беа помагани сите кои се посветени на конкретни проекти и чекори за подобрување на животот на граѓаните”, додаде претседателот на СДСМ, Заев.

За ова да продолжи потребно е на 17 ти октомври да се даде поддршка на овие проекти и да се одбере „Најдоброто“ за Бутел. Најдоброто го носи политичката програма на Велимир Симовски.