СДСМ не изгуби од ВМРО – ДПМНЕ. ВМРО ДПМНЕ како и да го споредувате со било кои претходни избори е послаб со бројот на гласови, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто за ТВ21. Тој потсети дека Коце Трајановски имал 101.000 гласови во 2017 година, а за Петре Шилегов поддршка дале 141.000 гласачи, додека пак сега Данела Арсовска и ВМРО – ДПМНЕ имаат 85.000 и тоа во коалиција со Алијанса за Албанците.

-ВМРО – ДПМНЕ не само што не држи константа, туку паѓа континуирано паѓа. Проблемот е, ние го добивме жолтиот картон од нашите гласачи. Членството, активностите се тука, имавме со што да се пофалиме – комплетно еден нов концепт се демонстрираше и во Скопје и во општините. Модернистички наспроти барокниот. Тоа е паралелата којашто може да ја направиме. Нема незадоволство од изградбата на новите булевари, новите зелени површини, новите мостови, рече Заев.

Тој дополни дека за кандидатот на ЛДП и ДОМ, потоа за Ана Петровска и другите независни кандидати гласале 26 илјади граѓани и, како што вели, по филозофијата на определба тие секако не припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ.

-Градот Скопје е симболот на победата, веруваме дека можно е да се направи пресврт во Град Скопје заради тоа што вториот круг е многу порасчитена, поразбистрена ситуацијата , „црно-бело“ и верувам дека успехот е можен, рече Заев.