Убаво е кога ќе ги поминете сите повеќе од 650 села во државата, 34 града заедно со главниот град на државата и ќе видите дека во секое село, маало се реализирани многу проекти, истакна во вестите на Сител телевизија претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тој кажа дека до граѓаните е доловено колку се важни општините за секојдневниот живот, па затоа е исклучително важно какви луѓе ќе ги водат општините.

-Убавината на овие избори е што се зборува насекаде за многу проекти, испорачан е убав збор пред граѓаните во форма на ветување за сето тоа што треба да се работи во следниот четиригодишен проект, дополни тој.

Заев им порача на идните градоначалници да си го сакаат својот народ и да ја прифатат честа и одговорноста која што луѓето им ја даваат на изборите, да му служат на народот, да бидат фер и правични кон сите и да ги распределат финансиските капацитети во форма на проекти и решавање на проблеми подеднакво.

-Секоја година при формирање на буџетот да ги слушаат граѓаните што е според нив приоритет за нив, а не според општинската администрација или генерално според градоначалникот.

Според Заев граѓаните се неприкосновените конечни одлучувачи на локално ниво, кој што се и во демократијата на државно ниво, затоа тие знаат што е најдобро, што е најголем приоритет за нив и затоа мојата препорака е да бидат отворени за граѓаните.

-Секогаш проблемот на еден поединец, на едно семејство е можеби навидум само еден проблем, но за тоа семејство е најголем на светот, да бидат овде да помогнат во решавањето на тие проблеми, да не се препуштам само на работа на проектите и реализација на програмата, човечноста да не ја изгубат, да им служат на луѓето и да бидат секогаш до нив, нагласи Заев.