„Во себе може да носиме мноштво љубови кон различни вредности. Може да сметаме дека сме и богољубиви и човекољубиви и родољубиви, но сето тоа е под прашалник ако не сме мирољубиви. Мирот треба да е приоритет и ѕвезда водилка која треба да ја следиме“ изјави експремиерот Зоран Заев на Самитот на спортски новинари на Југоистична Европа „Спортот за државата, државата за спортот“.

Тој додаде дека секој треба да биде противник на каква и да било воена агресија и воено дејство кое руши домови, одзема невини човечки животи и сее страв и очај.

„Воените арсенали треба да се заменат со користење на оружјето на совеста, добрата мисла и добриот збор, оружјето на подадена рака, компромис, пријателство, заедништво и соработка. Таквиот мир е покорисен и подрагоцен од оној мир кој долго ќе ги носи лузните на војната која му претходела“ рече Заев.

Поранешниот премиер додаде дека фондацијата која ја основаше „Фондација Заев – Едно општество за сите“ поддржува активности кои ги промовираат мирот и соработката, бидејќи тоа треба да биде највисокиот стремеж и дострел.