– Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми. Преку отворен пристап воспоставивме соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња, порача премиерот Зоран Заев во денешното излагање на прославата на 11 октомври денот на народното востание.

– Со упорност и одважност ги постигнавме  Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција.

Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа.

Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав.

Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај.

Ни се исполнија градите со гордост кога на јарболот пред седиштето на НАТО, се издигна македонското знаме  и кога беше интонирана македонската химна.

Со тој чин, химната, грбот и знамето останаа засекогаш во кодот на македонскиот идентитет. Исто како и нашата територија, јазикот, именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство. Македонски. Засекогаш.

Ја отворивме заробената држава. Се ослободивме од отровите на национализмот и од заблудите на режимското владеење. Северна Македонија се отвори кон светот и направи пробив на меѓународен план кој го препознаа сите напредни демократии и ни ги доделија сите заслужени признанија.

Благодарение на сето ова се реализираше една од нашите најважни стратешки цели за државата, полноправното членство во НАТО.  Цел зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, која секогаш имала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. 

Од држава оставена на маргините денес сме дел од моќното НАТО семејство. Нашата држава стана фактор на стабилност во регионот. Не прогласуваат за најбезбедна држава на Западен Балкан, со најтранспарентна Влада. Тоа го велат другите за нас.

Во друштво на сојузниците, како партнер кој со најмоќните држави во светот учествува еднакво со свој придонес за мирот и безбедноста во светот, Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.

Презедовме чекори, донесовме политички одлуки за да им докажеме на последните скептици дека Северна Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие.

Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме.

Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија, порача премиерот Зоран Заев.