-Свети најсилно овој свет празник. Свети од сите Македонци и Македонки кои ги вградија своите копнежи, своите стремежи, своето знаење и своите животи во создавањето, негувањето и развојот на нашата држава. Силно е осветлен 8 Септември и од сите неброени припадници на сите етнички заедници кои заедно со своите сограѓани, соседи и пријатели, ја споделуваа идејата и определбата за своја, наша, заедничка држава, истакна премиерот Зоран Заев на прославата на Денот на независноста.

-Најсветол е затоа што пламенот за создавање на државност што Македонците и Македонките го носеа во себе го одржуваа жив со силна поддршка на Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други. Силен и постојан е огнот кој постојано се храни од различните искри и пламени.

Тој оган во душите на неброени генерации се разгоре од искрата на идејата дека самосвеста за јасната национална определеност треба да живее, да расте и да се развива во своја, сопствена држава, нагласи Заев.

Според него таа идеја низ вековите никој не можеше ни да ја сопре, ниту да ја сотре.

-Гинеа за неа илјадници наши претходници, прадедовци, дедовци, татковци и браќа, мајки и сестри, другарки и другари – и таа остана жива.

Затоа што се чуваше во срцето, во душата и се хранеше од визијата за самостојна македонска држава, кажа Заев.

Тој додаде дека македонскиот народ никогаш не водел освојувачки војни.

-Водеше и организираше отпор и револуционерни борби за национална слобода и правда за вековниот стремеж за своја држава.

Водеше борба на интелектуалното поле, на културни натпревари и со аргументите на идејата за своја држава, за македонските работи, во македонските литературни кружоци. Визиите, идеите, мислите, мирољубието и великодушноста отсекогаш беа најсилните оружја на македонскиот народ здружен со своите браќа и другари од сите други народи од нашиот заеднички дом.
И идејата остана да живее. Огнот на таа идеја никој не успеа да го запрета, иако од многу страни се обидоа да го направат тоа.

И не требаше многу време да помине. Само неколку децении подоцна, кога државите од стариот континент и останатите сојузнички сили во Втората светска војна ја победија најголемата закана за човештвото – фашизмот, и кога од пепелот на воената пустош се издигнуваше нова Европа – тогаш идејата за македонска држава стана реалност – бидејќи идејата беше чиста, силна, пламенита, европска, светска, космополитска, потенцира Заев.

-Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи.

Сите ние денеска сме дел од вековно долгата низа граѓани, активисти, основоположници и патриоти кои ги вложија своите ангажмани и животи за каузата и правдата, за создавање на нашата држава,
Сите кои придонесоа во изградбата на државата се патриоти и големци, втемелувачи на општествениот систем и на институциите, градители и чувари на демократијата, знаменосци на слободата, творци на мирот и стабилноста.
Нашата историја е исполнета со историски личности кои даваат белег во идентитетот на тоа што сме денеска. Но нивната големина не била и останала само на нивните дела, во нивното време. Нивните дела и денеска се живи, а нивниот светол придонес во државотворниот процес е вграден и во периодот на осамостојувањето и градењето на независноста на нашата држава, изјави премиерот.

Премиерот истакна дека македонската и европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите наши граѓани, ослободени од стравовите и предрасудите на минатото. Да си ги чуваме светите, историските, илинденските и слободарските моменти од минатото, да се ослободиме целосно од стравовите и мрачните сеќавања. Тоа го можеме, веќе покажавме дека знаеме како.

-Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци… Почитувани Бугари, Хрвати, Црногорци, Грци, Словенци и сите други,
Северна Македонија е земја на сонцето. Земја на светлината. Народот и поетите тука пееја дека секогаш со орелски крилја им се враќаат на Охрид и Струга за да ја згрејат душата додека сонцето светло зајдува зад горските убавини. Тука каде што дарбите природата со сета раскош ги дарила.

Да си ја чуваме оваа убава држава. Да си ја чуваме светлината дадена од пред векови и векови, и да останеме деца на светлината. Застапници на добрината, на честа, на достоинството, на почитта кон другиот, на добрососедството.
Ние сме за напред! Постојано напред!
Такви да си ги дочекаме сите идни годишнини со нови успеси.
Нека ни е честит јубилејот –  30 години независност. Нека ни се вековити самостојноста и државата.
Да живее Република Северна Македонија, порача Заев.

-Денес, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани. Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво.
Нашето место во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.
Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО.
Нашето државно знаме развиорено во кругот на знамињата на нашите НАТО сојузници е силен говорник за реализацијата на една од нашите најважни стратешки цели за државата зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.
Членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евро-атлантската заедница на демократии. Определба која што секогаш имала силна поддршка од нашиот народ и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Различни генерации политичари, професионалци од јавната администрација и од војската со години беа посветени и се вградија во остварувањето на оваа наша заедничка стратешка цел.
Членството во НАТО е најголемиот придонес на нашата генерација за нашата безбедност и стабилност. Најсилна гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија.
На масата за одлуки седиме заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност.
За втората цел, членството во ЕУ, имаме безусловна препорака за старт на преговорите со Европската Унија.
Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија.  Имаме серија исклучително позитивни извешти од Европската комисија за реформскиот напредок. Според тие извештаи ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат.  Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. И најважно од се, постојано и забрзано се европеизираме. Секој ден, се повеќе.

Сега Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште реалност. 
Преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба и успешната приказна на Северна Македонија започна да го менува наративот за Балканот, заклучи Заев.