Во борбата меѓу авторитарните тенденции и демократијата, исклучително значаен фактор се демократските институции, оценува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“.

– Од изборните комисии, до високите судови, од локалните власти, до националните институции за човекови права, од медиумските регулаторни тела, до антикорупциските ентитети… Сите овие демократски структури треба да се одржуваат во духот на демократијата и постојано да се зајакнуваат. Најважните „состојки“ на демократските институции се: транспарентноста, независноста и услужноста. Само како такви тие ќе ја обноват или задржат довербата на граѓаните. Независните институции коишто го почитуваат владеењето на правото и интересот на граѓаните играат клучна улога во обезбедувањето основа за силни и отпорни демократии. Во таа насока, она што треба да биде континуитет се: политичката и финансиската поддршка, учеството на јавноста во креирањето на политиките за работа на демократските институции, затоа што тие произлегуваат од граѓаните и треба да им бидат сервис на граѓаните. Слободата на медиумите и граѓанското образование треба да бидат, и да останат во врвните приоритети кога станува збор за инвестиции во овие столбови на демократијата и во нивното промовирање како темелни потпори врз коишто се издигнува слободното и демократско
Општество. Бидејќи недемократските, авторитарни режими се плашат од нив, секоја демократски ориентирана власт ја има одговорноста да ги промовира и заштитува слободата на изразување, вклучително и слободата на медиумите, пишува Заев.

Според Заев овие фактори заедно со сопствената транспарентност и одговорност за добро владеење се основни алатки за справување со: дезинформациите, поларизацијата и говорот на омраза, затоа што тие се основното оружје за сеење страв и за воспоставување контрола врз јавното мислење.

-Недостигот на доверба во институциите обезбедува плодна почва за популистичките лидери и движења, коишто ја користат можноста да ја префрлат целата вина на „демократијата и човековите права“, смета Заев.

Сепак, според поранешниот премиер, демократијата ќе преовладее.

-Да, живееме во предизвикувачки времиња. Но, моето искуство ми покажа дека секогаш ќе има пречки и луѓе кои во име на моќта ќе ставаат клинови во тркалата: на демократијата, на правдата, на еднаквоста. Затоа, од витално значење се нашите заеднички и принципиелни напори да истраеме во нашата посветеност кон демократијата, во име на достоинството и еднаквоста за сите. Демократијата не е еднаш засекогаш дадена и нема крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата треба да обезбедиме континуиран развој и унапредување.
Оттука, за мене е прашање дали постои „консолидирана демократија“, бидејќи ако остане таква, ја одземаме нејзината суштина, а тоа е нејзината внатрешна динамика за постојан развој. Демократијата треба да изненадува со нови идеи, да ги користи мејнстрим институциите за да допре до што повеќе граѓани со своите бенефити, да изненадува со нови слободи коишто ќе им се допаднат на општествата, а не да се консолидира со наведната глава пред нападите од радикализмот. Има бројни примери, а Северна Македонија е еден од нив. Преку здружување на различните, демократијата може да надвладее над монолитните радикали, пишува Заев во анализата.