На 1 септември ќе почне учебната година со отворени училишта за основците и средношколците. Настава со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Во Тетово и Гостивар, Комиисјата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.

Враќање на сите ученици во училишните клупи е прво од трите сценарија што пред два месеца ги подготви Министерството за образование и наука. Според МОН, тоа е и најпосакувано сценарио зашто е во интерес на учениците и е препорачано од УНИЦЕФ и ОЕЦД.

Согласно Концепцијата, годинава треба да почне и дигитализацијата односно употреба на дигитални учебници – најпрво во четврто одделение, кои ќе може да се преземат од платформите. Набавени се десет илјади таблет-компјутери, наменети пред сè за чевртоодделенците од семејства во социјален ризик, за да може да ги користат учебниците со мултимедијални содржини. Според предложениот закон, за учениците до трето одделение и натаму ќе се користат печатени (хартиени) учебници.

МОН соопшти дека сите учебници и материјали за учење се дистрибуираат до училиштата и учениците ќе ги добијат до крајот на неделава.