„Потребна е брза реакција во кризни моменти, а такво беше нашето искуство за време на пандемијата“, истакна Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, говорејќи на регионалната конференција „Ширењето на дезинформациите за време на пандемијата и нивното влијание на Западниот Балкан“. Тој нагласи дека македонската Влада пред почетокот на пандемијата, за првпат креирала и воспоставила протокол за кризни состојби како стандард за комуникации.

 -Кога нè погоди пандемијата, имавме документ во наши раце и имавме можност да започнеме со имплементација на сосема нов протокол. Како прво правило требаше да имаме одговор веднаш и да бидеме први што споделуваат информации во реално време, на пример откако ќе добиеме податок за бројката на нови случаи или мерки. Ние први излегуваме и ги споделуваме фактите, изјави Забрчанец.

Тој додаде дека се водела вистинска трка помеѓу информациите и фактите од една страна и од друга дезинформациите и оние кои споделувале лажни вести и лаги.

-Во многу случаи ние први ги споделувавме информациите, а непријателите не следеа споделувајќи реакции со дезинформации. Се разбира, вообичаено се случува спротивното, ние сме тие што реагираат на дезинформација, но кога како Влада информациите ги имаме во ваши раце, многу е корисно да ги споделиме јавно, да не ги криеме, туку да бидеме проактивни, транспарентни и да ги споделуваме фактите и информациите со јавноста, кажа Забрчанец.