Долгот на Општата болница Охрид е намален за околу еден милион и нејзината сметка е одблокирана со што таа може да продолжи нормално да функционира, а во изминатите осум месеци во болницата се вработени и 32 лица, од кои најголем дел се медицински кадар со цел пополнување на дефицитарните одделенија.

„Долгот е намален за околу еден милион евра и ќе се потрудиме во периодот што претстои да се сервисира и останатиот дел. Ова е многу важно, бидејќи охридската болница е регионален центар, каде преку летото бројот на пациенти се зголемува за една третина, бидејќи Охрид е туристички центар и во него престојуваат голем број домашни и странски туристи на кои мораме да пружиме квалитетни здравствени услуги“, изјави Асен Шајн, директор на Општа болница – Охрид за МТВ.

Домаќинското работење на директорот Асен Шајн и финансиската поддршка од Фондот за здравство и Владата доведоа до решавање на овој проблем и враќање во нормала на функционирањето на болницата, која досега работеше без застои само поради трпеливоста на добавувачите.

„После подолг временски период од Општа болница Охрид се испратија девет нови доктори на специјализација. Со ова почнуваме да правиме планско пополнување на одделенијата со дефицитарни специјалисти доктори, како што е педијатрија, анестезиологија, инфектологија и ќе продолжиме со праќање на нови доктори на специјализација“, истакна Шајн.