Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска разговараше со претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ, за билатералните односи, евроинтеграциите, геополитичките прашања, ситуацијата во регионот и други клучни теми од значење за граѓаните на двете земји.

Како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Србија, Вучиќ го изразил своето задоволство од поголемиот степен на соработка меѓу парламентите на Србија и Црна Гора и посочил дека е неопходно да се работи на дополнително зајакнување на економската соработка и инфраструктурно поврзување.

Вучиќ истакна дека Србија ќе продолжи да ја промовира стабилноста во регионот, води политика на мир и соработка на Западен Балкан, како и дека останува посветена на натамошниот развој на добрососедските односи со Црна Гора.

Тој изрази очекување дека двете земји ќе продолжат да ги решаваат сите отворени прашања преку дијалог на заемно прифатлив начин, бидејќи добрите односи меѓу Србија и Црна Гора се важни не само за граѓаните на двете земји, туку и за севкупната стабилност во регионот. .