Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје денеска и утре (3 и 4 ноември) од 10 часот во киното „Синеплекс“ го организира Меѓународниот форум за креативни индустрии и улогата на женското претприемништво во креативната економија.

Станува збор за интерактивен настан кој на едно место ќе собере претставници од креативните индустрии, претприемачи, иноватори, стопански комори, министерства, институции и други креатори на политики, како и претставници од граѓанското општество и меѓународните организации да разговараат за бизнисот, можностите, развојот на меѓународни проекти, финансирањето итн.

Форумот се организира со цел поттикнување дискусии за креативните индустрии, креативното и културното претприемништво, жените претприемачи во креативните и културните индустрии и иновациите за да се забрза напредокот во овие индустрии, а со самото тоа да се допринесе кон побрз економски раст и развој на државата воопшто.

Форумот претставува настан во два дена на кои ќе се промовираат креативните индустрии, концептот на креативно културно претприемништво кај жените, искуства и практики од земјите во регионот како Албанија, Србија, Бугарија и Хрватска и релевантни експерти кои имаат искуство и продлабочени знаења на темата, како и успешни домашни креативни претприемачи. Во рамките на форумот ќе се одржи и панел дискусија на тема „Претприемништво во креативните индустрии: влијание врз економијата“, како и работилница менторирана од експерти од партнерската организација КЕА од Брисел.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и се реализира во соработка со киното „Синеплекс“, КЕА, Асоцијацијата на креативни индустрии АКИ, Синесквер, Ливинг роомс и Дуки Дасо, со медиумско покровителство на ТВ Телма, иновативност.мк и умно.мк.