Времето за подготовка на зимница е во полн ек, а ние ви пренесуваме рецепт за кисели краставички.

Потребни ви се корнишон краставички (што поситни, тоа подобро).

Добро измијте ги и наредете ги во стаклени тегли. Ставете што повеќе во секоја тегла, за потоа да не „пливаат“ во киселина.

Во теглите со краставички можете да додадете и по неколку зрна бибер. Откако ќе ги наполните теглите, подгответе кисела смеса од алкохолен оцет.

За зимница користете размер 1:3, односно на литар алкохолна киселина три литри вода.

Кај краставиците растворот може да биде и поблаг и тоа по овој рецепт: на 2 дл алкохолна киселина ставете 7 дл вода, и по една голема лажица сол и шеќер. Доколку ви смета шеќерот во зимницата, не мора да го додадете.

На килограм краставици оди околу половина литар алкохолна смеса.

Секоја стаклена тегла наполнете ја со смеса од киселина до врв, оставете да отстои половина час, па ако е потребно ставете уште киселина.

Затворете добро со капачиња.

На дното на поголем лонец ставете кујнска крпа или мрежа за зеленчук, на неа ставете ги стаклените тегли па додадете студена вода до две третини од висината на теглите.

Ставете на оган и гответе додека водата не зоврие. Тогаш изгаснете го огнот и оставете ги теглите да се изладат во водата. Кога ќе се изладат ставете ги во шпајз.